Вечерва на полноќ завршува рокот за собирање потписи за листи на независните кандидати за советници и градоначалници, а политичките партии своите листи на кандидати треба да ги поднесат најдоцна до 9 септември.
Изборната кампања започнува на 25 септември 2017 година во 00:00 часот. Изборната кампања во првиот круг завршува на 13 октомври 2017 година во 24 часот. Изборната кампања во вториот круг завршува на 27 октомври 2017 година во 24 часот.
Граѓаните имаат уште пет дена , до 9 септември, да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избрачкиот список. Јавниот увид во избирачкиот список исто така трае до 9 септември 2017 година до 24 часот.
Државната изборна комисија во последниот преглед на Избирачкиот список, заклучно со 31 август, објави дека вкупно 11.367 граѓанки и граѓани со право на глас извршиле проверка во Општинските избирачки комисии.
Според податоците на ДИК на 7 гласачи им е поништено живеалиштето, 9 гласачи поднеле за промена на податоци во Избирачкиот список, за 6 гласачи донесено е решение за бришење, а за осум е донесена одлука за запишување во Избирачкиот список.
На предвремените парламентарни избори во 2016 година право на глас имаа вкупно 1.784.416 според финалниот извештај на ДИК . На денот на гласањето, на 11 декември 2016 година, своето гласачко право го
оствариле вкупно 1.153.962 граѓанки и граѓани.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повика граѓанките и граѓаните да соработуваат со ДИК и со другите релевантни институции во процесот на ревизија на Избирачкиот список, со оглед на претходно изборно искуство, помошта од гласачкото тело се покажа како неопходна во процесот на прочистување на Избирачкиот список.