На поранешниот американски претседател Џо Бајден (82) му е дијагностициран рак на простата кој се проширил на неговите коски, се вели во соопштението од неговиот кабинет во неделата, пренесува Би-би-си.
На Бајден, кој ја напушти функцијата во јануари, му е дијагностициран рак на простата во петокот откако минатата недела посетил лекар поради уринарни симптоми.
Ракот е поагресивна форма на болеста, карактеризирана со Глисонова оценка од 9 од 10. Ова значи дека неговата болест е класифицирана како „високостепена“ и клетките на ракот би можеле брзо да се шират, според Cancer Research UK.
Се вели дека Бајден и неговото семејство ги разгледуваат опциите за лекување. Неговиот кабинет додаде дека ракот е чувствителен на хормони, што значи дека веројатно би можел да се контролира.
Откако се појави веста за неговата дијагноза, поранешниот претседател доби поддршка од двете страни на конгресот.
Претседателот Доналд Трамп напиша на својата платформа за социјални медиуми Truth Social дека тој и првата дама Меланија Трамп се „тажни што слушнале за неодамнешната медицинска дијагноза на Џо Бајден“.
М. Д.