„Една ѕвезда на небото
секогаш ќе ме потсеќа на тебе“
Скопје е многу чуден град. На Скопје му се менуваше лицето на неколку пати во помалку од половина век, што од природен фактор, што од човечки. Во Скопје се изградија места кои останаа запаметени по својата прекрасна енергија и по кои што многумина до ден денес жалат што веќе не постојат. Понекогаш имам чувство дека во Скопје многу често разговорите меѓу пријателите почнуваат со „еее на времето …“.


Последнава промена на лицето на градот ги подели скопјани по многу основи, ги доведе до степен очи да си вадат едни со други, и додека му го сакатеа лицето на градот оние кои ги поделија скопјани имам чувство дека дури и уживаа гледајќи како очи си вадат, брат со брат, сосед со сосед, роднини, најдобри пријатели … а за цело тоа време под тепих ги затскриваа суштинските проблеми со кои (не)живееја скопјани, а и не само скопјани, туку сите.
Ова е една од оние скопски приказни кои никогаш не сакав да ги раскажам, но, ете, морав, не заради мене, заради оние кои беа инволвирани во сите скопски приказни во времето кое му ги згмечи и лицето и душата на овој град, време во кое никој од нас не знаеше главата каде му.
Четивото што ќе срочам во редовиве што следуваат подолу се случи минатата зима и остана засекогаш во моите сеќавања, веројатно и никогаш нема да си замине од таму. На тоа време јас ќе се сеќавам најмногу на Дарко и таквите како него, оние кои се суштинскиот проблем на оваа држава и за кои треба максимално да се грижиме сите. Кој знае колку се на број …
* * *
22.02. 2017, Скопје. 2:22 после полноќ, температурата е – 22 степени. Ова со бројкиве не е случајно, вистина е. Седнат сум на работната маса во мојата работна соба. Пред мене е отворен лап топ компјутерот, десно од него е пепелникот, до него кутија со цигари, лево од него чаша црвено вино, а до чашата фото апаратот со кој фотографирам кога шетам низ градов.
На тастатурата на компјутерот е ставено она мое мало џебно сино тефтерче во кое ги запишувам мислите кои ми надоаѓаат во текот на денот. Моливот е внатре во тефтерот на страницата која чека на неа да биде нанесена новата фраза. Јас сум еден од оние кои не спијат навечер. Тогаш можам да бидам сам со себе на раат. Го вклучувам фотоапаратот и листам низ фотографиите кои ги направив дента, го прегледувам денот што измина. Доаѓам до фотографијата која ја направив пред хотелот Бристол. Долго гледам во неа. Ми доаѓа фраза која ја запишувам во тефтерчето, а е поврзана со фотографијата.
Хотелот Бристол во центарот на Скопје веќе не постои.
Денес поминав од таму. Застанав да го фотографирам. (фотографијата во прилогот на овој текст) Она што го видов во фотографијата, а не го видов со голо око го запишав на лист хартија:
Корени со брзина на метастази се шират и обликуваат маска врз објектот БРИСТОЛ во Скопје, место кое веќе не постои. Кој знае, можеби овој пат ќе му ја облечат вистинската маска, онаа која ќе проговори за сите тајни на ова место.
Го затворив тефтерот. Се напив голтка од чашата црвено вино која е лево од мене. Првата голтка од виното ми ги отвори сите сеќавања од денот кој измина, а кој се случуваше пред Бристол додека го фотографирав хотелот и она што остана од него. Штракам, штракам, штракам и одеднаш низ објективот гледам како човек облечен во дебело палто на околу педесет годишна возраст се лизна и падна на неколку метри од мене. Цел се испружи на земја. Неколку секунди не мрднува. Веднаш го затворив апаратот пријдов да го кренам.
„Остави ме, ќе станам сам“, рече, со главата залепена за циментот. Не го послушав, го кренав.
„Ладно е човече, стани“, му велам.
„Остави ме, ти реков“, овој пат ми се обраќа со многу повисок тон од претходниот и нагло си ја повлече раката. Пополека стана. Се истресе од валканиците кои му се залепија по палтото.
„Се удривте ли господине?“, го прашувам.
„Што ако се удрив“, нервозно ми одговори и се заврти кон мене. Очите му беа полни со солзи. Се гледаме очи во очи. Ми стана многу, многу непријатно… Потоа го спушти погледот и си продолжи по патот. Брзо го стигнав.
„Да ве допратам до дома?“, му се нудам за помош. Тој продолжува полека напред. По пат ја поткрена левата рака за да го фатам под неа. Ја прифати мојата помош. Го фатив под рака. Пополека чекориме заедно.
„Никогаш немој да му веруваш на доктор кој е налицкан, залижан и брзо дијагностицира, особено немој да веруваш ако таквиот ти ‘помага’ во ситните саати на ноќта, кога е на дежурство. Како да сме кучиња не’ фрлаат на улица“, проговорува низ заби. Збеснат е, а сепак тивок.
„Боледувам од срце, не, не боледувам, срцето ми работи со едвај 23%“, почна да раскажува.
„Пред некој ден кога температурите беа неподносливо ниски, поточно кога беше -21, вечерта многу ми се слоши. Со такси, жена ми и јас брзо појдовме на клинички центар, директно на кардиологија. Не можев веќе да дишам. Ги молевме за помош.
Од 3 по полноќ до 6 нè шетаа од клиника во клиника, па во друга клиника … за на крај да ме сместат на клиниката за белодробни заболувања. Дежурната докторка која ме прими во 5:35 утрото се чудеше што барам таму со толку слабо срце. Ми се извинуваше, дури и се усрами дека немаат доволно боци за кислород, односно имаат само една. Рече, ‘ќе си ја подаваме оваа еднава што ја имаме, ќе се спасиме, мора да се спасиме’. Понекогаш имам чувство, не, не немам чувство, сигурен сум дека и оние во Сирија живеат подобро од нас. Не сакам да ги навредам, ниту пак мислам нешто лошо за нив, но, ситуацијата во која сега се наоѓаат им е…“
„Ве разбрав што сакате да кажете“, го прекинав. Се мачеше додека зборуваше.
Чекориме бавно. Човекот станува се понервозен, го чувствувам тоа на неговото тело. Тешко му е. Влеговме во слепа улица, потоа уште во една, па во уште една. Веќе не ни знам каде сме, а сме во центарот на Скопје. Човекот застанува пред една стара зграда.
„Тука живеам. До тука е доволно што ме испративте. Е, да и патем, се викам Дарко. Ти благодарам што ме допрати до дома. Извини ако те заморив со приказнава, но, навистина немам кому и каде да се пожалам. Ти и онака ќе ја заборавиш до првава уличка која ќе те врати на патот за онаму каде што беше тргнат пред да ме дигнеш од земја кога се лизнав пред Бристол. Пријатно!“, рече и замина.
„Пријатно и со среќа господине Дарко“, одговорив.
Се разбира дека до првата уличка која ме носеше назад на патот до дома веќе ја заборавив неговата приказна.
Една седмица подоцна ја видов неговата слика во некрологот на дневниот печат. Заминал на оној свет кога зората настапува во денот. Така пишуваше. Длабоко воздивнав. Ми се згрчи душата за момент.
„Што е?“, ме праша сопругата.
„Ништо“, и’ одговорив.
Од радио приемникот почна да свири „Da bi mogo da mogu“ од Дарко Рундек.












