Над 5000 стигна бројот на лицата кои доброволно го донираа ДДВ повратот кој им следува за првите три месеци од годината.
Парите добиени од скенираните фискални сметки тие ги вратија во државниот буџет во рамки на солидарната акција за справување со последиците од корона вирусот. Бројот расте во секој момент а податоците се гледаат директно во апликацијата “МојДДВ”.
На оваа апликација стои и опцијата за донирање на ДДВ повратот како и објаснувањето за владината уредба со законска сила која беше донесена вчера. Со цел, помагање на граѓаните и компаниите кои беа погодени од кризата, Владата отвори фонд за солидарност каде компании и приватни лица веќе донираат на различни суми.
Од пред три дена, Владата создаде можност и сите граѓани кои имаат услови и волја, да помогнат преку донирање на сумата од повратот на ДДВ. Акцијата за донирање на сумата од првите три месеци од годината е отворена до 5 мај.
Истовремено, додека граѓаните донираат Уставниот суд ја прогласи за неуставна одлуката на Владата за намалување на платите на судиите, обвинителите и пратениците на минимално ниво од 14.500 денари. Дел од нив деновиве јавно се пожалија и поднесоа иницијатива до Уставениот суд.
А. Зеќири