Јужнокорејската компанија „Алмак“ и американската компанија „Дура аутомотив системс“ денеска во ТИРЗ 2 во Скопје го означија почетокот на заедничката инвестиција во С. Македонија.
Станува збор за инвестиција од околу 30 милиони евра кои ќе бидат вложени во изградба на современ објект во кој ќе се произведуваат лесни профили за автомобилската индустрија. Планирано е фабриката да се изгради на површина од 80 илјади квадратни метри и да почне со работа од следната година. Се очекува да се отворат над 70 работни места, а бруто платата за висококвалификуваните кадри ќе биде околу 2.000 евра.
Нашите заложби како Влада се да помогнеме во креирање на добро платените работни места и во таа насока во новата инвестиција се очекува просечната бруто плата да изнесува околу 2000 евра, Просечната бруто плата за најслабо квалификуваните кадри кои ќе работат во фабриката ќе биде 889 евра или просечна нето плата од 580 евра,подвлече премиерот Зоран Заев.
Според новите инвеститори, клучни причини поради кои се одлучиле да инвестираат во земјава се стабилниот деловен амбиент, работната сила, инфраструктурата и поддршката што Владата им ја дава на странските инвеститори.
Јужнокорејската компанија, како што изјави нејзиниот основач и директор Сојун Парк, ја користи зелената електрична енергија во процесот на производство и 100 проценти ги рециклира остатоците при процесот на производство.
Од почетокот на годината, вкупниот обем на инвестиции кои почнуваат или се во финална фаза на подготовка е над 120 милиони евра со кои се очекува да се отворат повеќе од 2000 работни места и да се генерира дополнителен извоз над две милијарди евра.
– Успеавме да донесеме далечна инвестиција, не со скапа кампања, туку со добар збор, рече директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.












