Професорката Мирјана Најчевска на дебатата организирана од ЦИВИЛ – Центар за слобода, по вториот круг од претседателските избори, изјави дека е нормално партиите да застанат зад одреден кандидат и дека тој кандидат треба и да се согласува со основната политика, вредности и системи на конкретната структура која стои зад нив, но дека она што сме го виделе на овие претседателски избори, создаде голема конфузија во главите на луѓето.
„Сепак претседателските избори се избори за личност. Во Северна Македонија, ние имаме мешовит политички систем и претседателот има многу важна контролна функција. Тој е еден сегмент на извршната власт, кој навлегува и во судската, преку директното именување на уставни судии и слично, но и во ставање на условно вето… Функцијата претседател е врзана за личност, кога бираат граѓаните, бираат човек кој стои за одредени вредности, но и ќе може да ги изврши сите оние надлежности и функции. Во случајов тоа се изгуби. Личностите се изгубија зад политичките партии и зад нивните вредности“, вели Најчевска.
Според Најчевска, голем дел од луѓето на овие претседателски избори гласаа за политички структури, а не за самите кандидати.
„Самопромовирањето на политичките партии во случајов го отвори прашањето за тоа дали навистина на ваков начин треба да ги водиме претседателските избори и мислам дека сериозно по нив треба на едно теориско, па и практично ниво да го отвориме прашањето дали ќе продолжиме со ваков систем и дали ја врши својата улога и на кој начин треба да се вршат изборите“, изјави Најчевска.
Во однос на медиумите и начинот на кои тие известуваат, Најчевска вели дека има голема разлика во однос на изминатите години, дека „официјалните“ медиуми ја научиле својата лекција и дека има големи промени во начинот на нивното известување.
Според Најчевска интернет порталите излегуваат надвор од контрола и од рамките кои би требало да ги имаат и се задоволуваат со пренесување на Фејсбук статуси без да се оградадат од нив и да дадат објаснување и дека многу лесно потпаѓаат под говор на омраза.
„Можам да кажам дека во вториот круг помалку го имаше тоа отколку во првиот, не знам зошто, дали се уморија или тргнаа во некоја друга насока, меѓутоа сè уште беше присутно и тоа е дел од онаа политичка култура која постепено ќе се развива и кај самите партии и кандидати, меѓутоа и кај самите медиуми кои ги пренесуваат и кои не смеат да се задоволат со просто пренесување на нечиј став. Ако само пренесеш нечиј став, а не дадеш анализа, свое мислење или дека тоа е став од политичка перспектива, во тој случај луѓето многу лесно можат да помислат дека тоа е став и на самиот медиум“, додава Најчевска.
Ангела Петровска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети