Најмалку 40 мигранти, вклучувајќи деца, загинаа откако нивниот брод потона кај брегот на Тунис, во една од најсмртоносните поморски катастрофи во регионот оваа година, велат властите.
Како што пренесува Би-би-си, бродот потонал кај медитеранското пристаниште Махдија во централна Тунис, додека превезувал околу 70 мигранти, изјави официјален претставник.
Сите луѓе на бродот биле од подсахарска Африка, додаде официјален претставник, без да даде дополнителни детали.
Околу 30 мигранти беа спасени во најновата катастрофа што се случи во средата.
Тунисските власти отворија истрага за причините и околностите околу потонувањето на бродот.
Ова е најновата катастрофа што ги погоди мигрантите кои се обидуваат да го преминат Медитеранот од Африка до Европа.
Земјата се соочува со растечки притисок да управува со мигрантите кои бегаат од конфликти и сиромаштија во потрага по подобри можности во Европа.
Над 210.000 луѓе се обидоа да го преминат Централниот Медитеран во 2023 година, според податоците што ги сподели ОН. Повеќе од 60.000 беа пресретнати и вратени на африканските брегови, додека речиси 2.000 ги загубија животите на море.
Морската миграција помеѓу Африка и Европа е една од најопасните во светот. Минатиот февруари, брод потона кај тунискиот град Сфакс со повеќе од 40 Суданци на него.
Во 2023 година, Европската Унија (ЕУ) потпиша договор со Тунис за справување со нерегуларната миграција кој вклучува 118 милиони долари (90 милиони фунти) за запирање на шверцот, зајакнување на границите и враќање на мигрантите.
Д. Мишев