Има едно чувство, една состојба, во која човек може да се најде и за која, во нашиов македонски јазик имаме соодветен термин. Не знам дали за таква состојба постојат зборови и во другите јазици, но ние имаме богат јазик, особено кога станува збор за состојби во кои еден човек може да се најде.


Имено, тоа е состојба или чувство, за кое не можете да го употребите зборот “прелаган” или “излажан”. Можеби, меѓу другото, сте и излажан и прелаган, но овие термини не го пренесуваат во целост чувството кое ве обзело. Оти најчесто ако некој ве излаже, станувате свесни за тоа и ги прекинувате сите контакти со таквиот или таквите. Не можете да речете ни дека сте “оставени сами” или “напуштени”, затоа што не ве оставаат. Ќе беше подобро да ве оставеа на мира, да се адаптирате на самотијата и толку, ама не е така. Не сте оставени.
Има и еден често употребуван термин, кој го употребуваме како уличен жаргон, а тоа е зборот “зафркнат”. Но ниту тој не го појаснува во целост, она кое го чувствувате во себе. Има тука примеси и од зборот “искористен”, или “злоупотребен”, но и тие не го објаснуваат во целост чувството, ниту пак се блиску до она кое го имате во себе. Затоа што овие зборови пак, покажуваат дека ве искористиле и ве злоупотребиле и толку. А искористеното се фрла во ѓубре, бидејќи нема повеќе вредност. Не, не е ни тоа.
За чувството за кое станува збор, ние си имаме прекрасен термин. Велиме “насамарен сум”. Тоа значи дека сето бреме, сиот товар и сета тежина, ја ставиле на вас, на вашиот грб. Толку комотно ве насамариле, што се подготвени не само товарот да ви го наметнат, туку и тие сами да се поткачат на вашиот грб и да ги носите додека сте живи. И ви се качуваат.
Тоа е чувството, со кое дваесет и седум години си живее секој обичен македонец, Не го оставаат сам. Го уверуваат дека не го лажат, за да не им се налути и да ги напушти, ниту пак му дозволуваат да се чувствува зафркнат. А сето тоа, затоа што македончето е навикнато да го насамарат. Тоа се мести за насамарување. Оти го насамарувале со векови на назад, а тоа молчејќи, си го носело самарот на грбот, радувајќи се на зеленета трева, со која го залажуваат неговите самонаречени стопани. Ете така се чувствувам и јас, сиве овие 27 години – НАСАМАРЕН.












