Северноатлантскиот совет (НАК) денеска изрази солидарност со Германија по злонамерната кибер кампања против Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и со Чешка, која се соочува со злонамерни кибер активности против нејзините институции.
Во соопштението на НАК се наведува дека одговорноста за овие злонамерни кибер активности, Германија и Чешка му ја припишаа на актерот АПТ28, кој е спонзориран од Русија, а пред се од руската воена разузнавачка служба – Главната дирекција на Генералштабот на руските Вооружени сили (ГРУ).
Од НАК додаваат дека со загриженост забележува дека истиот актер упатува закани насочени и кон други национални владини ентитети, оператори со критична инфраструктура и други ентитети низ Алијансата, вклучително и во Литванија, Полска, Словачка и Шведска.
Во реакцијата натаму се посочува дека НАТО останува посветени на спротивставување на суштинската, континуираната и зголемена кибер закана, вклучително и кон демократските системи и критична инфраструктура на неговите членки.
– Ние сме решени да ги искористиме потребните потенцијали со цел да го одвратиме, да се одбраниме и да се спротивставиме на целиот спектар на кибер закани со меѓусебна поддршка, вклучително и со разгледување на координирани одговори. Промовираме слободен, отворен, мирен и безбеден кибер простор. Ги повикуваме сите земји, вклучително и Русија, да ги почитуваат своите меѓународни обврски и меѓународното право и да дејствуваат во рамката на одговорно однесување на една држава во кибер просторот, како што е потврдено од сите членки на Обединетите нации, се додава во соопштението на НАК. / МИА