Кандидатката за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, по откажувањето на дебатата закажана на телевизија Телма од страна на нејзиниот противкандидат поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски се огласи на својот Твитер профил и напиша: „Навистина жалам што Стево ја откажа дебатата планирана за денес на Телма. А можеше да научи нешто за ЕУ“.
Од СДСМ реагираат дека е лага дека Пендаровски одбил дебата и соочување со неговата противкандидатка Силјановска.
За овие партиски препукувања со реакција се јави ТВ Телма, и во нивната реакција меѓудругото стои: „Од штабот на Стево Пендаровски усмено бевме известени дека поради обврски не е во можност да дојде на дебата на ТВ Телма планирана за 24.04.2019. Можеби подоцна ќе можеше да биде пронајден термин кој им одговара на двајцата кандидати, со оглед дека нашата писмена покана беше упатена до 03.05.2019 година. Водителката на Топ тема на 24.04. 2019, Снежана Лупевска, откако беше известена дека Стево Пендаровски не може да присуствува на дебата на 24.04.2019 и понуди на Гордана Силјановска да гостува на жешко столче, со оглед на фактот што таа не ја искористи таа можност пред првиот круг, но Гордана Силјановска не прифати“.
Ете, професорката по право заборави да каже дека одбила по вторпат да седне на „жешкото столче“. И да, можеби Пендаровски останал покус еден час предавање за ЕУ, меѓутоа и граѓан(к)ите останаа без можност да ја видат на жешкото столче да одговара на прашањата на новинарите. Којзнае, можеби до крај на кампањата ќе прифати, ќе ги испочитува и новинарите и граѓаните.
Независната кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова нагласи дека е непознат феномен е за време на кампања за претседателски избори да учествуваат министерка за одбрана, министер за внатрешни работи, па и премиер, додавајќи дека „така тие ја прегазија линијата помеѓу државата и партијата или партијата ја направија држава, или на крајот тоа би значело држава тоа сум јас кога е премиерот во прашање“, вели Силјановска Давкова.
И за граѓан(к)ите е непознат феномен тоа што актуелниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов да е вклучен во кампањата на Силјановска за избор на претседател? А дека не е „непознат феномен“ премиер или министри да учествуваат во изборна кампања, доволно е независната кандидатка за претседател да побара на Гоогле и ќе види дека почесниот претседател на партијата која ја подржува, и бегалец Никола Груевски, додека беше премиер, редовно го подржуваше кандидатот за претседател. Или заборави дека цели министерства се претвараа во партиски шатабови, ВМРО-МВРО…
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, од Прилеп испратија пораки дека е неопходно вториот круг од претседателските избори да биде успешен за земјата да продолжи да се движи напред, економски да се развива, да има правда и перспективи за младите дома. И двајцата повикаа на масовна излезност.
Претседателскиот кандидат Пендаровски посочи три клучни причини зошто граѓаните треба да излезат на гласање.
„Само овој концепт ја води државата во НАТО и во ЕУ. Сите политичари досега го сакаа тоа. Но само оваа генерација политичари почна да го остварува. А само овој концепт ја води земјава меѓу најразвиените држави во светот. Никогаш повеќе нема да се врати режимот. Нема да се врати на власт Груевски, но ќе се врати да ја отслужи казната во Идризово. И конечно ќе добиеме претседател на државата. Сите граѓани ќе добијат претседател од кого нема да се срамат во светот“, рече претседателскиот кандидат Пендаровски.
Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, меѓудругото, испрати порака за одговорност кај граѓаните кои не излегоа на гласање, а го поддржуваат концептот „Заедно Напред“ затоа што знаат дека тоа е иднината на државата.
„Па за што крварев и вие со мене, за што покажавме храброст со храбри одлуки, да го пуштиме сето ова низ вода?! Сега работите од нас дома зависат, имаме пријатели кои помагаат и ќе помагаат. Ќе има ред и поредок. Кога Државна комисија за спречувањена корупцијата вадела слабости на власта?! Тоа покажува дека системот функционира. Повикувам на политичка и професионална одговорност на секој кој го узурпирал правото на граѓаните. Земјата оди напред, во вистински правец и тоа никој не може да го спречи. Апелирам дека пораката е примена, но до граѓаните што ја испратија, испраќам и јас порака, што вие ќе направите за државата. Се ежите од помислата за режим, сте избрале прецизен начин за испраќање порака, но имаме родителска, татковинска должност да ја обезбедиме државата, да оди напред, да не се враќа назад. Да излеземе на гласање, да имаме успешни избори, демократски чисти, да донесеме одлука за да одиме заедно напред“, рече истакна Заев.
Пендаровски нагласи дека Груевски ќе се врати, ама во затвор. Е како да веруваат граѓаните дека ќе се врати кога се уште не добија одговори како успеал да избега и за неговото бегство никој не одговарал?! Колку е примена пораката, граѓаните ќе почувствуваат откако ќе завршат изборите…
Интересен е моментот што токму сега за време на претседателска кампања, челниците на Исламската верска заедница решија да се пресметуваат. Претставникот на Исламската верска заедница, Муамер Вејсели вели дека во ИВЗ нема вооружени сили и нема насилници.
„Во ИВЗ не е користено насилство и не се употребува насилство, единствената сила што ја има ИВЗ е нашата морална сила. Хулиганите се кај Зоран Заев“, вели Вејсели кој го обвини премиерот за прекршување на законите и порача дека со него нема правда во Македонија.
Експресно реагираше портпаролот на ДУИ, Бујар Османи пришто рече дека тоа што се случи во ИВЗ е скандалозно и срамно, затоа што не можат судовите да одлучуваат кои ќе бидат поглавари на верските заедници.
„Тоа никогаш не било ниту во време на комунизмот, ниту сега, такво право судовите немаат. И затоа констатиравме дека е нелегален упад кој што наштетува на угледот на државата, така да тука се вмешав и како вицепремиер, бидејќи навистина ми е важно пред светот да покажеме дека го почитуваме секуларното, односно немешањето на државата во верата“, нагласи Османи.
Како и да е, државата и партиите одамна се вмешани во религијата и таа врска тешко дека некогаш ќе се откине. Особено што еден имам во една скопска џамија, за време на петочната молитва (џума) ги подучи верниците дека е харам (грев) да се гласа на избори и дека тој лично нема да оди на гласање. Ова „верско подучување“ нема врска со политиката? Или…
Дехран Муратов