Од партиите сè уште нема официјална информација околу откажувањето на лидерската средба, како што пренесоа дел од медиумите.
Средбата е закажана за денеска, а беа најавени три главни теми – законот за јавно обвинителство, пописот и измените на Изборниот законик, со можност за отворање и на други теми.
Откако премиерот Зоран Заев ги покани лидиерите на ДУИ, Алијанса за Албанците и ВМРО ДПМНЕ, поканата ја прифатија само Али Ахмети и Зијадин Села, но не и Христија Мицкоски.
ВМРО ДПМНЕ вчера го повтори ставот на Мицкоски дека тој нема да оди на лидерската, а едниствениот услов за да присуствува на истата е да се зборува исклучиво за предвремени парламентарни избори.
Од СДСМ, пак, велат дека Мицкоски бега од лидерската, од реформи и од јавноста. Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски вчера по завршувањето на седницата на Централниот одбор на партијата за тоа како ќе постапат доколку Мицкоски не дојде на средба и како ќе обезбедат двотретинско мнозинство за законот за Јавното обвинителство порача да се почека утрешниот ден да се види исходот.
„Да го почекаме утрешниот ден, да видиме дали тоа ќе се случи, да не дојде. Секако оваа држава има одговорност да бара инструменти да функционираат интитуциите и законите, секој поединец има политичка одоговорност, уште повеќе пратениците имаат обврска во рамки на овој систем да обезбедат поддршка на правдата и на функционирање на институциите во тој поглед“ рече вчера Николовски.
М. Ивановска