ВОЈО МАНЕВСКИ
Тешко е да се извлече некаков општ заклучок од дружењето со моите исписници со кои ги одработувам овоземските денови. Сѐ почна да ни смета и сѐ ни изгледа некако несериозно и премногу збркано. Се разбира новите предизвици бараат и нови луѓе, ама некако колективно заклучуваме дека работите ни се сѐ повеќе неразбирливи.
Сѐ повеќе во мислите ми се враќа еден мој текст од пред две децении. Тогаш констатирав дека сѐ помалку има вистински мажи. Веројатно ни тогаш не сум бил потполно во право, но и темите тогаш беа други. Феминизмот беше во подем, а од него ниту тогаш, ниту сега нема одбрана. Не, не мислам дека проблемот е во жените, туку во дефицитарноста на вистински мажи со карактеристика на одговорни домаќини, кои се во постојана потрага по начините за одржување на семејството, а тоа да не е на штета на другите семејства. Да, да и тогаш сметав дека природата нѐ направила различни со понежниот пол. Колкав процент на рамноправност е прифатлив за двата пола?
По половина или колку што секој ќе заграби? Како машкиот пол се повлекуваше, продолжувајќи ја традицијата на домашното воспитување како мамини синови, така тој простор се пополни со недефинирани психолошки полови. Сѐ уште мажите го носат хромозомот ипсилон, ама сѐ помалку го заслужуваат. Лекарите велат дека виновници биле некои жлездени материи што сѐ помалку се лачеле во телата на носителите на тој идентификациски хромозом. Веројатно така вели науката, ама ние ненаучените некако не и веруваме премногу и затоа паѓаме во занес пред лирските стихови и акорди колку да влеземе во замислениот свет и избегаме од сегашноста.
Ајдеее, овој пак ќе дави, веројатно си велите, а јас само сакав да ви пренесам куп стравови на цела една генерација, која прави рекапитулација на своето постоење. Еден мој драг пријател кој ги надмина педесеттите постојано е во грч околу недвижностите што треба да ги остави на потомството.
– Цел живот нешто градам и доградувам, а сега сум уплашен дека нема многу да им оставам на децата за да имаат полесен живот.
– Знам дека можеби нема да го почитуваат тоа, ама мене ми прави мир во душата, дека нешто зад мене ќе остане.
Нешто во стивнатите хормони во неговото тело и ум го тера кон потврда на неговото постоење. Најголемата потврда е продолжување на врските во неговото семејство. Исконски е во потрага по точка која ќе ги поврзува неговите деца. Некое место каде ќе им се спојат барем сеќавањата, ако не и интересите. Истата збрка на хормони на жените кога ќе ја префрлат границата од четириесет лета им прави страв од извесноста на крајот на животот.
Страв дека животот поминал, а не го виделе светот и некои задоволства не ги почувствувале. Нема овде вина за никого, природата ни е таква. Тема за разговор е која каде се прошетала, што видела и колку убаво си поминала, се разбира сето да биде документирано со селфи на фејзбук. Кредитот што треба да се враќа е само мала нелагодност со кој подоцна ќе се справуваме. Патиштата до крајот се такви, изгледа зададени однапред и веќе не се испреплетуваат, туку се поднесуваат како паралели, кои се стремат некаде и така разделени патуваат кон целта. Отприлика како политичките партии кај нас кога ни објаснуваат каде нѐ водат а при тоа ставовите не ги приближуваат меѓу себе.
Има ли врска оваа моја аматерска анализа со општествените состојби? Таму таа полова поделба одамна не постои и тоа не според биолошкиот пол, туку според збирот на карактеристики на носителите на јавните функции и нивните одлуки и постапки. Нема лидери, зошто нема идеологија, која ќе биде прифатена од добар дел од општеството. Нема идеологија зошто нема лидери кои ќе ја осмислат и со тврда вера ќе ја спроведуваат. Интелектуалците се исплашени од неодговорноста и злобата што се излева по социјалните мрежи. Секој сака да се сокрие во масата, која дава некаква сигурност од оваа нова и сѐ уште докрај нејасна појава. Седнеш на тастатурата и без никаква одговорност навредуваш или плукаш по нечие дело или личност. Затвори компјутерот и продолжи си го својот секојдневен живот. Што има во таквата постапка машкост, според просечната оценка за тој поим?
Малку или воопшто ништо и не е чудно кога престанеш со писанието да побараш список на задачи од сопругата што треба да ги извршиш. Злобата си ја истурил и лесно правиш оправдување дека нема поделба на машки и женски обврски, туку работата треба да се заврши. Малку се мрштиш во себе, терајќи ја правосмукалката, ама важно на претседателот или некој од јавната сцена си му рекол тоа што не смееш на сопругата ниту од влезот да и го кажеш. Се разбира и тастатурата и правосмукалката се женски именки и може да се најдат како потврда за лошите жени.
Домаќински е да ја запазуваш домашната хигиена, ама те мачи дилемата дали е машки да ја работиш таа работа. Не само дека те мачи, туку и те разјадува, ама пуста храброст не се „намира“. Овој збор е за секој случај ставен, зошто е добро да се учи дијалектот на македонскиот јазик што некој го нарекуваат бугарски јазик.
Зошто имињата на државите барем во нашиот превод се женски: Македонија, Албанија, Србија, Бугарија? Косово ако сака да се придружи кон феминизираната Европа ќе мора да најде соодветно име според важечките вредности. Најверојатно се женски имињата за да има на кој килавите мажи што ги водат да ја префрлуваат вината. Кој треба тие држави да ги води и треба ли некакви карактеристики на машкост да има? Ако се погледнат анкетите и поддршката за Путин, кај Македонците не е на одмет да се разгледа причината за неговото глорификување како алфа мажјак. Значи да се води држава треба да се биде маж, па дури и ако водачот според полот е жена.
Ние имаме лидери какви што заслужуваме. Не дека не се лични, ама не покажуваат одлучност на мажи. Намирисани, со гел во косата со чести посети на теретани и сѐ почесто во непротоколарни облеки. Немам информации во кој музеј заврши вратоврската на Заев кога веќе и се даде историско значење во Нивици. Ќелавите глави некако неприродно ми блескаат, ама можеби тоа е поради мојата застарена перцепција на работите.
За јазикот повторно би зборувал, ама не сум сигурен дека изразите како што се инфлуенсери, старлети и слични безлични кованици можам да ги преведам на мојот мајчин јазик и затоа ќе останам на сигурно во сопственото незнаење. А богами не сум сигурен во кој род се тие именки.
Оној дел од насловот за лошите жени не се однесува на нашите животни сопатнички, кои сѐ прават дека при венчањето во црква не го слушаат делот кој свештеникот намерно го истакнува — „жената треба да го слуша мажот“ (во некои интерпретации стои „жената треба да му е покорна на мажот“), а за секогаш го запаметуваат оној дел каде се вели „мажот треба да ја сака жената како себе си“. Тоа се однесува на пошироката заедница со женско име ДРЖАВА. Со килави мажи што ја водат тешко дека ќе биде одведена на прав пат.
Во нашава ситуација кога треба да ја одведат во Европа тие се однесуваат како гурбетчии што ја оставаат жената да ја чува куќата, додека тие по светот работат. Овој пат не по градилишта и пекари, туку во некоја од многуте бирократски институции на Европа или во некое од дипломатските престојувалишта на сопствената држава. Немаат храброст да ни кажат дека Европа нема намера наскоро да нѐ прибере во својот скут, туку да нѐ држи во пондилата до влезот. Ако тоа го кажат машки ќе ни биде полесно ама тогаш многу од нивните аранжмани, лични и тесно колективни можат да се изјаловат, а тоа никако не смеат да си го дозволат. А и каде би се вратиле, ако ги загубат функциите? По канцелариите на некои локални или централни институции? Не дај боже тоа да се случи, па ако треба од сите машки хромозоми ќе се откажат.
Да застанат машки и да и објаснат на јавноста (и таа е крстена со женско име) дека моќните само ова ни го дозволуваат и немаме многу избор, па ќе мора да се бориме со многу препреки на патот кој тие го одредиле до клубот наречен ЕУ. Тоа не е коњуктурно, како што би рекле. Задачата од истите тие кројачи на судбините мора да се изврши во целост. Одамна е позната таквата наредба -тепај, беси, во робје праќај, ама пред лицето на царот не се појавувај без да ја завршиш задачата (како што објаснува Омер Паша Латас). И затоа ќе има протоколи, те записници, те рамки и слични замаглувања за да се приволиме да влеземе во браздата која е за нас. А на обичниот македонски јазик тоа се објаснува со една реченица „така треба да биде и подобро да послушаме отколку да бидеме непослушни“. Машки ќе ни објаснат ли?
Така би ни објаснил маж што не се плаши од жени и летни дождови, што знае дека кога се фатил на орото мора да го игра и ако треба како ороводец.
А зошто нема лоши жени? Нема, зошто ако ги имаше, немаше да им пишуваме песни и сечеме вени кога си отидат од нашиот видокруг. Зошто очекуваат да сме мажи за кои сонуваат и пишуваат во споменарите од трето основно? Зошто и во споменарот кој е крстен под името Устав на женскиот поим држава му е потребна машка рака да го листа и препрочитува, да го знае како оче наш и да го спроведува како домаќин и патер фамилијас? Да се однесува како мојот пријател што се грижи што ќе им остави на децата. На крајот ќе ми простите за не-стручната анализа, ама ме фати некое расположение и низ усните ми се лизгаат стиховите на Зафир Хаџиманов:
„Са ноќ седам са ноќ пијам,
вино леам солзи кријам,
солзи кријам срце стегам, но од љубов не се бега,
но од љубов не се бега“.
Чекај бе жено после ќе ти ја пеам „љуби ме и главата горе“.












