„Во однос на предметот од обвинителството означен како „Труст“, ја информираме јавноста дека молбата за одлагање на извршувањето на санкцијата е одбиена како неоснована и истата е доставена до странките во постапката“, соопшти Кривичниот суд.
Кочан има упатен акт да се јави во казнено-поправна установа на 17 јули на издржување на затворската казна. Тој е правосилно осуден на 4 години и 8 месеци затвор во предметот на СЈО „Труст“ за добивање на незаконски тендер од 2011 година распишан од државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола.
Основниот кривичен суд Скопје првостепено го осуди Кочан на 6 години затвор на 20 јули 2018, а на 11 март 2019 Апелациониот суд му ја намали казната на 4 години и 8 месеци. Второобвинетиот во истиот предмет, Василие Авировиќ, доби две години условно од Апелација, откако првостепено беше осуден на три години затвор.











			
