На прегласувањето што се одржа денеска во шестата ИЕ, поточно во тетовско Желино, коалицијата ВЛЕН неофицијално освои повеќе гласови од Европскиот фронт, а со тоа веројатно ќе има и еден пратеник повеќе.
Коалицијата ВЛЕН, од 933 запишани гласови, освоил 493 наспроти 48 на Европскиот фронт, а со тоа и пратеник повеќе на контото на ВЛЕН. Со сегашниот резултат, бројот на пратеници во оваа изборна единица е 8 спрема 8.
Во другите избирачки места, 1272 во Охрид, гласачкото место е затворено во 19 часот, а неофицијално, од вкупно 711 гласачи денеска гласале 373 гласачи, при што ВМРО-ДПМНЕ освои 303 гласа, СДСМ 27 гласа, ЗНАМ 11, ВЛЕН 1, ДУИ 12, ЛЕВИЦА 11 и 8 неважечки.
По денешното прегласување во ИЕ 5 и 6, Европскиот фронт очигледно го задржа мандатот за четвртиот пратеник во оваа изборна единица.
Оваа информација со јавноста на „Фејсбук“ ја сподели и министерот Крешник Бектеши.
Тој преку Фејсбук статус им се заблагодари на гласачите во избирачките места во кои се прегласуваше.
„Ве сакам Дебреште, Крушево, Струга, Охрид“ напиша Бектеши.
По денешното прегласување, соодносот на силите меѓу овие две политички коалиции е 18 за Европски фронт и 14 за ВЛЕН.
До 18.30 излезеноста на прегласувањето беше 55 отсто.
Државната изборна комисија на 18 мај едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино.
А. Н.