ВОЈО МАНЕВСКИ
„Тој е носител на новото разбирање на работите на прилагодување кон новите правила и постигнување на резултатите и покрај жртвите што мора да се дадат. Но, додека го гради новиот свет ги губи и силата и сопствената способност да се избори за целите што до вчера му изгледаа остварливи. Иако е глава на семејството, тој нема веќе влијание врз своите членови на семејството. Неговата немоќ оди дотаму што му преостанува само да делка свирче на кое нема намера да свири, а и никогаш и не свирел на свирче. Најстрашно за него е што е сведок на сопствениот неуспех и дека куќата ќе се сруши колку и да ја потпира со нови греди“.
Оваа не е литерарна анализа на политичката сегашност во владејачката партија или политичката судбина на Зоран Заев. Оваа е дел од критиката за легендарната драма на Горан Стефановски „Диво месо“. Критиката е за нејзината поставка во ХНК Вараждин пред 32 години. Додека ја читав, нејзината вонвременска вредност се поклопува со состојбите во нашите партии за цело ова време од кога се обидуваме да „се отпишеме од Истокот, а не успеваме да се запишеме на Запад“.
Партиите имаат едно тврдо јадро на членови, кои најчесто не се ниту интелектуалци ниту креативци, ама се постојано во органите на партијата или на било која партиска манифестација. За нив партијата е идентитет, дел од нивниот разговор со соседот, пред гранапче или во било која друга прилика. Со време таа идеологија е религија на која и припаѓаат и во која веруваат. На телефоните имаат музика која асоцира на нивната партиска припадност, носат запалка од последната кампања, а за по дома секогаш имаат по две три маици со партиски симболи за не дај Боже ако некој дојде дома на разговор. Нема прекин во припадноста на партијата. За почитување е нивната лојалноста кон партијата. За грешките на раководството се зборува само меѓу своите сопартијци и тоа оние најблиските, ама жолчно се брани од било кој напад од надвор.
Тоа се најчесто членови што се вработени од партијата или на друг начин добиле „нешто“ од неа. Нивната припадност личи на навивачките групи на спортските клубови и пред сѐ има длабока емотивна врска со партиското членување. Нивниот гнев најмногу се истура врз секој што се обиде да биде надвор од наредбите на раководството или ги крши непишаните канони на партиска припадност и верност. Ако се работи за некој од челните луѓе на партијата (посебно ова се чувствува на локално ниво каде сите се познаваат со години и децении) и на раководни лица доведува нови кадри кои немаат поминато низ партиското докажување на активности, полека се раѓа анимозитет и нетрпеливост. Како некој да им го руши воспоставениот ред на работите и зазема туѓо место. Ваквите членови тешко можат да гласаат за противничкиот табор, но својата навреденост ја искажуваат со неизлегување на избори.
Добар слој од партиите е надограден со редица членови, кои излезот од состојбата во која ги одвел животот ја бараат преку партиски канали. Секој град има по некое навредливо, но описно име за ваквите членови. Моиве инвентивни штипјани смислиле описен прекар „лебарки“, а веројатно е слично и на другите места. Таквите членови се со повисоко образование од партиските емотивци и скруполозно се обидуваат да ги заземат местата на емотивците, кои според нив се добитни. Ја користат верноста на емотивците кон партијата и стануваат раководители или напредуваат во институциите каде претходно биле вработени и многу често од други партиски номенклатури. Често не ги почитуваат верните членови на партијата, сметајќи ги само како неопходен декор во нивната кариера.
Кога не се исполни некоја од нивните цели, лесно се вратат на друга страна, но редовно се на располагање кога партијата е на власт. Се разбира, целта е лукративна и најчесто врзана за тесни интереси. Оваа група на членови често доаѓа до позиција зошто нема ниту емотивна врска со партијата како своевидна заедница на истомисленици, ниту има обѕир кон членовите кои имаат такви чувства и етика.
Досегашното партиско делување покажува дека кога се дојде до ситуација да се практикува власт, да се раководи институција која треба да покаже резултати, челниците што добијат државни позиции, притиснати од потребата да испорачаат резултати, често се потпираат на својата проценка за личности. И како по правило одбираат личности кои не се од партиската номенклатура. Така ги врзуваат за себе иако веднаш ги поставуваат и во партиските органи. Таквото корпоративно однесување полека почнува да ја расточува партиската верност кај „сончогледите“ зошто немаат веќе интерес, но ја разнишуваат и вербата во емотивците.
Ако ваквата состојба е непосредно пред избори резултатите се следниве.
Дел од емотивците не излегуваат да гласаат, иако болно го поднесуваат поразот на својата партија, а често заради својот партиски имиџ гласат, но ливчето е незаконски пополнето и затоа на крајот 4-5% од ливчињата се неважечки. Лебарките излегуваат и гласаат, но најчесто за противничката партија и при тоа сета вина ја префрлаат на лидерот што не ги исполнил нивните надежи за лични цели.
Моето искуство ми дозволува да посочам десетици имиња на разни челници во државата и на централно и на локално ниво, но ќе оставам секој да ја открива реалноста на моево писание. Доволно е да погледнете кој од градоначалниците кои имаа мандат досега, не успеаја да добијат повторна доверба. А богами и премиерот досегашен може да се препознае некаде во лавиринтите на интересите и состојбите, кои ги опишувам без многу политиколошка или социолошка терминологија.
За идеологија и комплексноста на нејзините постулати и вредносни системи не се обидува да пишувам, зошто во ова пост либералистичко време за неа зборуваат само носталгичарите по разните филозофски семинари.
„Е , те гледам синко, те слушам, ама диво месо си, диво израснато и диво ќе си бидеш“.
Додека ја гледам долгата колона на возила на моите сограѓани што на Митровденска задушница одат кон вечните почивалишта на своите најмили се прашувам – учиме ли нешто ние од оние на кои денес се потсетуваме, оставија ли тие некакви вредности зад себе што можат да ни помогнат да го најдеме патот во темницата што полека нѐ покрива?
За почеток повторно ја исчитувам во оригинал на македонски литературен јазик – ДИВО МЕСО.