Министерството за здравство во анализата за периодот од 6 до 12 август евидентира дека смртноста е 100 отсто кај невакцинирани, односно ниту еден од сите 25 починати од КОВИД-19 не бил вакциниран. Од 3497 граѓани со потврден коронавирус во овој период, 450 односно 12,8 отсто биле целосно вакцинирани, а 87,1 проценти или 3047 граѓани од позитивните не биле вакцинирани, соопштија од МЗ.
Од Министерството за здравство информираат дека ќе се прават редовни анализи за процентот на вакцинирани меѓу позитивните случаи и починатите од КОВИД-19 во државата на неделно ниво, а тие ќе ги објавуваат секој петок, со цел да се информира јавноста. Притоа, за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од аплицирањето на втората доза, појаснуваат од Министерството.
МЗ повторно апелира до граѓаните да се вакцинираат, зашто само така ќе се постигне колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на вирусот. Секоја вакцина која е на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход, порачуваат од Министерството за здравство.












