Движењето „Ниту една повеќе!“ за денеска во 18 часот најавува блокада пред паркот „Жена Борец“ во Скопје. Акцијата има за цел гласно да се зборува за еднаквост и живот без насилство врз жените. Движењето ги истакнува стравовите и гневот поради недостатокот на заштита за жените во земјата, како и потребата за правда и промени во системот.
„Наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе! Ве повикуваме да ни се придружите и заедно да бидеме гласни. Сакаме да ги слушнеме вашите ставови, животно искуство и секојдневие, бидејќи пред сѐ, овој колектив ја уважува тагата и бесот кои сите имаме право да ги чувствуваме!“, велат организаторите.
Целта на блокадата е да се создаде јавен простор за дијалог и солидарност, како и да се побара одговорност од институциите. „Ниту една повеќе!“ инсистира на законски, институционални и општествени промени за да се спречи насилството врз жените.
Повод за протестот е последното во низата убиства, убиството на на Росица Коцева од Велес и нејзиниот татко, застрелани од поранешниот партнер Илија, кој потоа извршил и самоубиство.