Денеска започнува дводневниот самит на министрите за надворешни работи од групата на 20-те најразвиени економии (Г-20) во Бон. Фокусот на средбата ќе биде ставен на глобалниот економски развој.
Домаќинот Германија сака да се запазат 17-те зацртани цели за забрзан развој, коишто меѓународната заедница предвидува да се постигнат до 2030. Дел од темите за кои ќе се разговара се непредвидливоста на новата американска надворешна политика, справувањето со евентуални идни кризи, како и поддршката за Африка.
Средбата ќе биде прва можност – новоназначениот американски државен секретар Рекс Тилерсон да се сретне со клучните луѓе од светската дипломатија. За најголем дел од учесниците, главна задача е да остварат контакт со новиот американски државен секретар, кој веќе се сретна со неколку свои колеги, а се очекува во текот на денот, да има средба и со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
Германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, кој е домаќин на Г-20, пред средбата за германските медиуми, изјави дека изборот на Доналд Трамп за претседател на САД е повик за будење во Европа, која треба да се подготви за претстојните предизвици.