Неколку експлозии се слушнале во руската воена воздухопловна база во селото Гвардијске, округот Симферопол, на Крим окупиран од Русија, објави Комерсант.ру, повикувајќи се на локалните жители, пренесува Укринформ.
Според очевидци, над аеродромот има купишта црн чад.
Неименуваниот извор на медиумот објави дека војската и органите на редот проверуваат верзија со напад со дрон врз складиште за муниција. Сè уште не се објавени официјални коментари.
Предходно, утрото на 16 август, серија експлозии погодија складиште за муниција во селото Маиске, област Џанкој, Крим. Министерството за одбрана на Русија го смета инцидентот како саботажа.
Речиси во исто време избувна пожар на електричната трафостаница во Џанкој. Пријавени се две жртви.
Руските власти претходно излегоа со различни верзии – од саботажа до запалена трева, и покрај тоа што на Крим врнеше силен дожд во текот на ноќта.
Движењето за јавен отпор „Жолта лента“ ги повика жителите на Крим да се држат настрана од руските воени објекти и да се евакуираат доколку е можно. Кримските активисти објавија летоци во Симферопол со координатите на „следните цели за вооружените сили“ во окупираниот Џанкој и оние кои ги повикуваат цивилите: „Спасете го животот – евакуирајте се“.
Подготви: Д.Мишев