ССНМ најостро ги осудува навредите и клеветите изнесени на порталот „ДоказМ.мк“ кон новинарката Мирослава Бурнс. Од новинарскиот синдикат велат дека се згрозени од речникот употребен во текстовите на порталот, кој не може да се смета за соодветен во јавниот дискурс.
– Особено сме згрозени од сексистичките навреди и клевети, дури и навреди што задираат во приватниот живот на „метата“ на нападот. Било какви клевети и навреди од овој тип се неприфатливи, а особено се неприфатливи во јавната дебата, односно кога се појавуваат како реакција на еден професионално изработен и реализиран текст на нашата колешка . Сметаме дека треба да се стави крај на времето кога на факти и аргументи се одговора со лични дисквалификации, а во случајов тоа е кренато на ниво, не на „уличарски“ јазик, туку на монструозни конструкции кои ни оддалеку не се во допир со текстот на кој се реагира, реагираат од ССНМ.
Од таму сметаат дека е време за солидарност во општествената осуда на овој начин на „полемизирање“ без аргументи, а исклучиво со монструозни навреди и клевети .
– Ова го потенцираме и од аспект дека порталот „ДоказМ“, како што може да се види на неговиот сајт, е поддржан со рекламни и пропагандни објави на наши реномирани компании . На овој начин излегува и дека еден дел од важните македонски стопански субјекти поддржува ваков дискурс на јавна расправа, велат од ССНМ.
ССНМ ја охрабрува Мирослава Бурнс да ја бара своајта сатисфакција по судски пат.
П. К.