Владата денеска треба да одлучи дали за влез и излез од државата ќе се воведе задолжителен ПЦР тест, потврда за вакцина или сертификат за прележан КОВИД. Овие нови мерки нема да стапат во сила веднаш.
Во меѓувреме, бројките на заразени не стивнуваат. Според последниот биланс, регистрирани се 296 нови КОВИД случаи и осум починати лица.
Здравствените власти се задоволни од процесот на вакцинација. Сметаат дека се одвива добро, особено по најавата и воведувањето на рестриктивните мерки, но, сепак, уште еднаш порачаа дека имунизацијата е единствениот начин да се стави крај на пандемијата.
Како што соопшти вчера министерот за здравство Венко Филипче, ќе има и вакцинирање со трета доза. Овој процес ќе опфати имуно-дефицитарни лица, пациенти на кои им е извршена трансплантација и кои се на хронична дијализа.
Вакцини има доволно, а во наредниот период се очекуваат и дополнителни дози.
Тој оцени и дека епидемиолошката состојба станува се посериозна, поради што, напомена, мерките треба максимално да се почитуваат.
-Повикувам на максимално почитување на мерките, држење дистанца, редовно водење на лична хигиена и вклучување во процесот на имунизација. Вакцините штитат од тежок тек на болеста, од смртен исход и го отежнуваат неконтролираното ширење на вирусот, рече министерот.
И Хелсиншкиот комитет повика на одговорност и рационалност во борбата со пандемијата – граѓаните во врска со коронавирусот да се информираат од релевантни извори, засновани на научни сознанија и препораки и да ги отфрлат информациите базирани на лаги и теории на заговор. Хелсиншки изрази и загриженост поради изјавите и пораките од неделните протести против вакцинацијата и мерките за заштита.












