„Како резултат на непријателските дејствија на руските окупатори, нуклеарната централа во Чорнобил остана целосно без струја“, објави Националната електроенергетска компанија Укренерго на Телеграм, пренесува Укринформ.
Борбите продолжуваат, па во моментов е невозможно да се извршат поправки и да се врати снабдувањето со електрична енергија.
Укренерго внимателно ја следи ситуацијата и ќе информира за ажурирањата.
Како што естои во соопштението, руската војска ги прекршила барањата за радијациона безбедност во окупираната нуклеарна централа Чорнобил и во зоната на исклучување. Во централата, во зоната на исклучување и пошироко, има неконтролирано движење на персонал и воена опрема.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) изгуби трага за далечинскиот пренос на податоци од безбедносните контролни системи на нуклеарната централа во Чорнобил.
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба упати апел до целата меѓународна заедница веднаш да ја повика Русија да го прекине огнот и да им дозволи на екипите за поправка да продолжат со снабдувањето со електрична енергија што е можно поскоро.
„Резервните дизел генератори ќе ја напојуваат нуклеарната централа Чернобил и нејзините капацитети 48 часа. Тогаш ќе се исклучи системот за ладење на складиштето на потрошеното нуклеарно гориво, што може да предизвика истекување на радијација. Варварската војна на Русија и се заканува на цела Европа. Путин мора веднаш да престане!“, објави Кулеба на Твитер.
Д.М.