Заменик-министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски во име на Владата на Република Северна Македонија денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, по повод 149 години од неговото раѓање.
Владата на Република Северна Македонија со овој чин им се придружи на настаните со кои му се оддава почит кон делото на големиот револуционер Гоце Делчев, за неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност.
Од СДСМ му оддадоа почит на македонскиот револуционер, херој и великан Гоце Делчев, истакнувајќи дека Делчев е симбол на непокорот, на правдољубивоста, храбоста, симбол на борбата за слобода и еднаквост. Великн кој со својата визија остави патоказ за многу наши генерации.
„Да се верува но и да се работи, да се мечтае но и да се бори за слобода, правда, еднаквост и солидарност се вредностите од кои се водиме. Визиите на Делчев, да живееме во слободна, независна, меѓународно признаена држава, рамо до рамо со најсилните ги остваривме. Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“, велат од владејачката партија СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави дека името и делото на Апостолот на ВМРО – Гоце Делчев, отсекогаш претставувало инспирација на македонскиот патриотизам во борбата за создавање на независна македонска држава.
Во негова чест во 1923 година Македонците – емигранти во Пловдив се организираат во македонско друштво “Гоце Делчев”. Друштвото имало за цел со легални средства под девизата “Македонија на Македонците” да се бори за независна Македонија.
Документот всушност се првите членови од Уставот на друштвото, кој бил потврден од министерството за внатрешни работи на Бугарија.
Денес се одбележуваат 149 години од раѓањето на Гоце Делчев, македонски херој врз чие име, дело и жртва почива нашата борба за слобода и денешната држава Македонија. “Во жртвата нема степен, таа завршува со чест и со име”, објави Мицкоски.