Секоја година, на 2 април се одбележува Светскиот ден за подигање на свеста за аутизам во светски рамки. Основна цел е поддршка во подобрувањето на квалитетот на живот на луѓето што страдаат од аутизам. Неизоставен дел е и борбата против дискриминацијата, славењето на разноликоста на општествата и зајакнување на вложувањето за целосно вклучување на луѓето со аутизам во рамките на општеството.
Аутизмот е нарушување на развојот на невролошките функции. Луѓето што страдаат од аутизам се соочуваат со потешкотии во социјалната интеракција, вербалната и невербалната комуникација, а покажуваат и репетитивно или рестриктивно однесување. Ова нарушување ги афектира и двата пола, сите раси, во сите делови од светот. Од социјален аспект, аутизмот е долгорочно невролошко нарушување што влијае на начинот на кој афектираната личност го перцепира светот и комуницира со другите. Луѓето што страдаат од аутизам го гледаат, слушаат и чувствуваат светот различно од останатите. Аутизмот, односно аутистичниот спектар на нарушувања ја афектираат индивидуата на различни начини, а некои од аутистичните луѓе, на пример може да имаат нарушување на способноста за учење, проблеми со менталното здравје и други состојби.
Во 2017 година, Графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула во преполната Национална галерија Чифте амам ја промовираше книгата „Гуш и Бац“ со измислени 47 зборови на неговата ќерка Ерато, чија дијагноза е аутистичен спектар на нарушување, преведени на 19 јазици, како и 47 илустрации на нејзините зборови создадени од 33 креативци.
„2ри април е светски ден за подигнување на свеста и прифаќањето на децата/лицата со аутизам. За мене и моето семејство како и за семејствата што живеат со оваа состојба, секој ден е ден на аутизмот. Секој ден за нас е борба со предрасудите и дискриминацијата. Во нашето општество се’ уште постои стигма и ниска развиена свест за прифаќање на различните по било кој основ. Родителите на децата со аутизам имаат проблеми да ги вклучат своите деца во образовниот процес почнувајќи од најмалата возраст односно од градинка па нагоре. Системот не е спремен за целосна инклузија. Последните години се прават чекори и има подобрувања во таа сфера, но се’ уште сме далеку од потребното ниво. Родителите стареат, децата растат и секогаш постои најделикатното прашање што со нашите деца после нас? Како и да е, нас нашата ќерка внесувајќи не во нејзиниот свет не направи подобри луѓе. Светото на лицата со аутизам е свет без предрасуди, злоба, лицемерие. Тоа е свет со чиста и искрена љубов. Мислам дека ние треба да учиме од нив, а не они од нас“ изјави Кардула за ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ како организација за човекови права, се приклучува кон борбата против дискриминацијата и ги поддржува иницијативите за подобрување на животот на децата со аутизам, нивната вклученост и постојано подобрување на условите во специјализираните центри или училишта. На децата со аутизам им е потребна љубов, а не предрасуди и исклучување.
И. Крџиќ