Градоначалниците на четири општини, кои се дел од Коалицијата „Вреди“ вчера во Тетово одржаа нова средба со професори од Здружението на граѓани Албанска академија на науките и уметност со цел, како што велат, да се динамизира институционализацијата на оваа организација. На средбата беа градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир.
По средбата, од Коалицијата „Вреди“ соопштија дека работна средба била на тема годишно финансирање на проекти од суштинско значење за унапредување на интелектуалната и научната мисла на Албанците.
– Ние како Коалиција „Вреди“ ја поддржуваме оваа идеја и проект затоа што цениме дека дојдено е времето Албанците да бидат претставени соодветно и на академско ниво. Сигурно дека го почитуваме ставот на нашиот коалициски партнер околу овој проект, но исто така сакам да подвлечам дека ова е многу понормално од тоа што порано пред десетина години била реакцијата на политиката за вакви слични проекти. Во тој контекст ќе ја кажам и идејата за Тетовскиот универзитет. Ние, како што кажаа и професорите, сме отворени за дебата и политичка во рамки на политичките чинители кај Албанците и со претставниците на политичките партии на Македонците и со сите други општествени научни фактори во државата, затоа што како што кажа професорот овој проект не е против никого. Овој проект е за Албанците да придонесуваат со својот потенцијал во делот на развојот на науката, истакна Биљал Касами, градоначалник на Тетово и претседател на Движење Беса, одговорајќи на новинарски прашања.
Хисен Јашари од Здружението истакна дека пред една година барале кај сите политички партии, но само од Коалицијата „Вреди“ ги прифатиле за разговор. Информира дека бараат општествен дијалог, имаат доставено елаборат од 120 страници до Владата за кој не добиле одговор.
– Бараме академска слобода. Ние функционираме како академија, структурата на луѓето е таква. Ние сме регистрирани како здружение на граѓани, бидејќи тоа ни беше условот за да може да не регистрираат, но структурата, прашањата со кои се занимаваме се академски. Ние функционираме како академија. Во уставот има повеќе работи за академската структура. Нема ни збор за МАНУ. Пишува за академска слобода, научно творештво и работа. Законот за научно истражувачка дејност, МАНУ го става во редот како се основаат факултетите. И ние сме деца на унитарна држава и ние бараме и за нас да има посебен закон, истакна Јашари.
Биљал Касами рече дека како четири општини се договориле да му дадат поддршка на здружението од сите аспекти.
– Ќе го поддржиме како проект и ќе работиме заедно со професорите, тоа да има и формално-правно решение. Како ќе биде јас не сакам тоа сега да го кажам бидејќи треба да биде резултат на една поширока општествено-политичка дебата и да се најде соодветно решение. Тоа што сум рекол дека Албанците се дозреани да бидат претставени на академско ниво, со три универзитети со илјада научници, професори со соодветни научни титули, веќе ние може да кажеме дека сме подготвени да бидеме претставени на тоа ниво. Како ќе биде формално-правно тоа останува на договорот што ќе го постигнеме со коалициските партнери и со сите чинители во оваа држава, рече Касами.
РЕАКЦИИ
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, изрази сериозна загриженост за идејата за формирање на паралелна Академија за науки и уметности. Во пост на Фејсбук, Филипче остро реагира против ваквиот проект, нагласувајќи дека е категорично против етнички поделби во науката.
– Загрижен сум и категорично се спротивставувам на идејата за формирање на паралелна нова Академија за науки и уметности. Преседан е создавање на “етнички чисти” институции, а оваа иста идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици, вели Филипче.
Тој потенцира дека СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите.
– СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите. Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај. За СДСМ и за мене како претседател ова е тенденциозна политичка порака која им служи единствено на намерите за поттикнување на поделби кои носат огромна штета за граѓаните и општеството, пишува Филипче.
Тој изрази жалење што ВМРО-ДПМНЕ молчи за ова прашање, што според него значи одобрување на иницијативата и најави дека СДСМ ќе се спротивстави на ваквите проекти со сите механизми.
– Жалам што оваа идеја ВМРО-ДПМНЕ ја одмолчува, а со тоа и ја одобрува. СДСМ со сите расположливи механизми ќе се спротистави во општините кои треба да го финансираат овој проект, порача претседателот на СДСМ, Венко Филпче.
Од коалиционите партнери на ВЛЕН во владата ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ засега нема никаква реакција. Нема ниту поддршка или критика ниту од опозициската ДУИ.
Д.М.
фото: МИА