Политичкиот аналитичар и експерт на ЦИВИЛ – Центар за слобода, д-р Сашо Ордановски му порача на премиерот Зоран Заев дека е време, како што рече, да се прибере дома зашто може да стекне доверба во странство, но да ја изгуби тука, во земјава.
Ордановски упати и критики до власта, оценувајќи дека посебно се евидентни два клучни проблема. Првиот е на идејно ниво, а вториот е тоа што партијата внатре не е консолидирана.
„Не сум сигурен дека во СДСМ има внатрешен консензус за многу прашања. Типичен пример за тоа се проблемот со аерозагаденоста и реформите во судството. Партијата е изгубена во магла, прави конфузни чекори кои не даваат решенија. Зачуден сум од дезорганизираноста“, истакна Ордановски.
Тој искажа став и во однос на албанските партии. Рече дека се поставуваат кон Владата на политички, но и на математички начин. „Пред да дојдат на власт играат политички, а кога ќе станат дел од власта почнуваат математиката и пазарењето“, нагласи Ордановски.
Ангела Петровска
Камера: Атанас Петровски