Меѓуетничките проблеми не се надминати. Со „негување“ проблеми од тој тип, Груевски и Ахмети владеаја десетина години. Ќе измислат меѓуетнички проблем, ќе го дигнат до максимум со орли, знамиња, крстови и тепања по калиња, потоа тие конфликти ќе ги решаваат и таквите „решенија“ ќе си ги прибележуваат како свои големи успеси и ќе си ги растат рејтинзите во нивните етнички гласачки тела, изјави новинарот Сашо Ордановски во поткастот „Политиканти“ што се емитува на Слободна ТВ на Слободен печат.
Ордановски се осврна и на изминатите три децении во кои нашата држава, како што дефинираше, помина низ уникатни ситуации.
„Можеби дојдоа генерации кои не ја разбираат вредноста да се добие држава без конфликти и кои не разбираат што значи да се биде членка на НАТО. Дојдоа луѓе кои на тоа не гледаат како на значајна политичка придобивка, туку како на нешто што е паднато од небо. И не знам дали народот разбира што значи да се биде членка на НАТО“, потенцираше Ордановски.
Извор: НоваТВ