Владата во консултација со ЕЛЕМ и ЕВН информираше дека отписот на долговите за електрична енергија се однесува на заостанатите долгови на граѓаните заклучно со август 2005 година, односно до моментот од кога ЕВН ги презеде долговите од државната компанија ЕСМ.
Освен долгот за струја, во предвидениот отпис е опфатен и долгот за радиодифузна такса која до тој период се прибираше преку сметките за струја.
Бројката на граѓани опфатени со овој отпис на долгови е утврдена врз основа на бројката на оптужени должници и изнесува околу 200 илјади граѓани. Во голем процент станува збор за граѓани од ранливите категории население, како корисници на социјална помош и пензионери.
„Овој отпис на долговите за струја и радиодифузна такса на ниту еден начин не значи дека вкупниот долг ќе биде надоместен од Буџетот на државата, односно дека паѓа на товар на останатите граѓани, туку едноставно за отпишување на овој долг за кој постои изразена силна волја од Владата на Република Македонија, од ЕЛЕМ, како и од ЕВН“, велат од Владата.