Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска паднаа пресудите за предметот „Трезор”, случај кој се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. Судот денеска четворицата обвинети ги прогласи за виновни.
Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков како првообвинет за случајот е осуден на единствена казна од 8 години затвор, додека поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски доби 5 затворска казна , а поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ казна затвор од 5 години, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски е осуден во отсуство на 15 години затвор. Тројцата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање.
Случајот е покренат во 2017 година од тогашното Специјалното јавно обвинитество поради основано сомение дека обвинетите државни службеници во УБК И МВР направиле директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК наместо од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, на штета на буџетот на РСМ.
Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.