Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), соопштува дека „паника и страв“ владее меѓу авганистанските новинари, особено новинарки, истакнувајќи дека добиле „стотици барања за помош“ од медиумските работници на терен.
И покрај пропагандата дека талибанците нема да се одмаздуваат, извештаите зборуваат дека новинарите и многумина од нив се изложени на закани, додаде официјалниот претставник.
„Увидот на ИФЈ во ситуацијата на терен и бројните барања за итна помош покажуваат дека има паника и страв во авганистанската медиумска заедница“, предупреди меѓународната организација, која отвори специјална сметка за да им помогне на засегнатите.
На терен, „новинарките се спречени да работат, некои весници мораа да се затворат. Оние што се обидуваат да ја завршат својата работа го прават тоа „под закана и се многу ограничени во известувањето“ изјави Џереми Дар, заменик генерален секретар на ИФЈ.
Повеќето новинари кои се обидуваат да ја напуштат земјата се жени, додава службеникот задолжен за координација на работата на ИФЈ во Авганистан.
Дојче веле соопшти дека талибанците се во потрага по нивна новинарка, која сега е во Германија, но претходно, во средата, убиле член на нејзиното семејство, а друг тешко го повредиле.
Владата на Северна Македонија најави прифаќање на околу 650 граѓани од Авганистан – вработени и нивните жени и деца во хуманитарните мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти, стипендисти како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка на НАТО силите во Авганистан. Во координација помеѓу Владата, ССНМ и Меѓународната федерација на новинари (IFJ) во Македонија ќе бидат прифатени и 80 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства.