При отворањето на вечерашната седница на која треба да се одлучи за имунитетот на Трајко Велјаноски, председателот на Собранието, Талат Џафери, го прочита неговото име како оправдано отсутен. Тоа значи дека Велјаноски вечерва не ни помислува да дојде во Собрание, но големото прашање е каде може да оди тој вечерва?
За да не се случи уште еден скандал да избега некој од осомничените по трет пат, институциите вечерва до полноќ треба да бидат повнимателни на граничните премини. Ова станува дотолку пореална можност, особено затоа што Велјаноски, за разлика од Груевски, по сѐ изгледа, има сосема легални можности за бегство од правдата. Обвинителството за него бара притвор, но судот не можеше да донесе одлука заради имунитетот. Освен тоа, Велјаноски нема ниту забрана за напуштање на земјата, ниту му се одземени патните документи. Освен легалната можност, Велјаноски сега има и алиби за бегство од државата.
Во јавноста се шпекулира дека Јанакиески и Ристовски испровоцирале инцидент кој завршил со физички напад со цел да подготват алиби за Велјаноски. Без оглед на тоа дали има или нема вистина во тие шпекулации, инцидентот во затворот сега може комотно биде искористен како причина за бегство на Велјаноски, веројатно во земјата кај што веќе се крие нивниот поранешен шеф, каде што „аргументот“ за барање азил би бил врз основа на тврдењето дека животот може да му биде загрозен во притвор.
А. Зеќири