пишува: АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
Светска вест број еден од почетокот на годината беше дека германската канцеларка Ангела Меркел се повлекува од политичката сцена и на годинешните избори за нов канцелар што треба да се одржат во септември, нема да се кандидира за уште еден мандат.
Ангела Меркел веќе долго време доминира на европската и на светската политичка сцена, но оваа есен по 16 години мандат на местото канцеларка на Германија, таа се повлекува, оставајќи ѝ на својата партија ЦДУ тешка задача да најде адекватна замена.Која е Ангела Меркел, жената што остави длабок печат на времето на челната функција во Германија и која со својата одлучност, мудрост и храброст влијаеше врз креирањето на политиките во Европската Унија, но и не само во неа? Во што се разликува(ше) Меркел од другите европски политичари? Таа го сруши балканскиот стереотип дека во политика се влегува за збогатување. Ќе се обидеме накратко да го опишеме нејзиниот политички пат од младински активист во комунистичка Источна Германија до канцелар, но и некои интересни детали од нејзиниот приватен живот што ја прават да биде посебна.
Никој освен Хелмут Кол не успеа во повоена Германија да остане толку долго на власт. Меркел ќе остане на функцијата до крајот на мандатот, а потоа „вечната премиерка“, како што сама најави, се повлекува од политиката.
Апелите уште еднаш да размисли за својата одлука во последните недели се особено силни во Германија откако во текот на пандемијата Меркел се покажа како прагматична и одлучна политичарка која својата држава ја води успешно и во оваа, за поновата историја на Европа, историска криза.
Ангела Меркел е родена 1954 година во Хамбург, во протестантско свештеничкото семејство. Нејзиниот татко, уште додека Ангела била дете, се преселил во ДДР како мисионер со желба да помогне протестантството, во поделениот дел на татковината, кој бил под силно влијание на комунистичкиот режим од СССР, да не замре. По докторските студии по физика во Русија во 1986 година, па сѐ до падот на Берлинскиот ѕид, нејзината кариера беше мирна и определена кон научниот ангажман во физиката и квантната хемија, а нејзиното име беше анонимно во политиката.
„Таа е прва жена премер на Германија што во изминатите 15 години им одржа лекција на многу политичари – претежно мажи, и затоа немојте никогаш да ја потценувате“, ја опишува Си-ен-ен во посебен прилог за нејзиното повлекување од политиката и додава дека таа веќе одамна ја има бетонирано својата позиција како еден од најуспешните светски политички лидери.
ЛИДЕРКА КОЈА „НАДЖИВЕА“ МНОГУ ЛИДЕРИ
„Ангела Mеркел успевше во текот на својата политичка кариера цврсто да стои и прeд оние предизвици пред кои многумина (мажи) би се сопнале. А сега, светскиот менаџер за кризи се повлекува“ заклучува Си-ен-ен.
Во текот на својот мандат Ангела „имала работа“ со петмина британски премиери, четворица француски претседатели и седуммина италијански премиери, како и со новоизбраниот претседател на САД, претседателот Џо Бајден.
И покрај своите константни резултати во политиката, Ангела Меркел, лидер на четвртата најмоќна економија во светот, поголем дел од својата политичка кариера го помина во постојано докажување. Нејзините колеги од исто така моќните држави во повеќе наврати безуспешно се обидуваа да ја совладаат, да ја покорат, па дури и да ја понижат.
Рускиот претседател Владимир Путин во една пригода на состанокот со канцеларката Меркел дошол со својот пес, иако добро знаел дека Ангела уште од детството се плаши од кучиња. По состанокот, Меркел мирно изјавила: „Го разбирам зошто мора да го прави тоа – да докаже дека е маж. Тој е исплашен од својата сопствена слабост.“
Доналд Трамп ѝ рекол дека е глупава, а Силвио Берлускони ја оставил на состанокот да чека 15 минути додека тој си зборувал на мобилниот телефон.
Кога во 2005 година стана прва жена на највисоката политичка позиција во Германија, многумина ја сметаа за премногу неискусна за таа функција, нехаризматична и со „краток рок на употреба“. Германскиот Билд, еден од водечките медиуми, нејзиниот избор за канцеларка го проследи со фотографија под која било напишано „Мис на Германија“. Во нејзината политичка партија од каде што се искачила на премиерската функција ја нарекуваа „дас метхен“, што во превод значи девојченце (така, всушност, ја нарекувал и Хелмут Кол кога ја промовирал во врвот на партијата). Додека другите светски лидери се менуваа како на подвижна лента, нејзината популарност во Германија и Европа се зголемуваше од ден на ден. Така Меркел од „германското девојченце“ доби прекар „die Mutter“ (Мајката), како симбол на заштитничка и стабилност на Германија.
Американскиот политиколог Џојс Мари Мушабен (Joyce Marie Mushaben), една од најдобрите биографи на Меркел, во својата книга „Да се стане госпоѓа канцеларка“ најдобро го опишува животниот и политичкиот пат на Ангела Меркел. Таа вели дека Меркел е, всушност, повторно обединување на Германија. Мушабен нагласува дека канцеларката ја поттикнала „културната револуција во Германија“, и за разлика од кој било друг, го подигнала на високо рамниште статусот на жената во Германија.
На почетокот на нејзината политичка кариера во Христијанско-демократска унија ЦДУ, потценувајќи ги нејзините квалитети, Мушабен смета дека Меркел е „привремен лидер“ во партијата и дека таму ќе се задржи кратко време додека поминат некои скандали на нејзините машки колеги и додека не се најде вистинската личност во партијата што ќе ја тргне на маргините. Но Меркел остана на челната функција во партијата цели 18 години, а нејзиниот наследник Анегрет Крамп-Каренбауер издржа малку повеќе од една година, безуспешно обидувајќи се да ги консолидира некои фракции и да му ја препушти функцијата на Армин Ласцхет, долгогодишен соработник на Меркел, кој моментално е министер премиер на Северна Рајна Вестфалија, кој без дилема се залага ЦДУ да ја продолжи политиката на Меркел и пред кого стои тешка задача да ја води партијата на сојузните избори во септември.
СКРОМНА И НЕПОДМИТЛИВА
Биографите на Меркел во едно се сложни, дека нејзиниот успех во политиката е разлутат на мешавина на нејзиното потекло и вродените способности. Нејзиното животно искуство во младите денови на созревање во свештеничкото семејство во комунистичка Источна Германија длабоко влијаело врз нејзиното политичко определување и одлучност, а како научник и доктор по квантна хемија често и животните и професионалните проблеми ги решава преку математичка формула. Кога нејзиниот политички ментор Хелмут Кол во 1999 година се заплетка во корупциски скандали, таа јавно го осуди и го повика да се повлече, иако беше нејзин долгогодишен заштитник и промотор.Луѓето ја доживуваат Меркел како личност со висок интегритет, како политичар што не застанува пред микрофон колку нешто да каже, туку кога има што да каже. Покрај тоа што е прва жена што стана канцелар, Меркел е и прва политичарка од бивша Источна Германија што е на оваа челна функција по падот на Берлинскиот ѕид.
Токму тоа животно искуство од Источна Германија ѝ помогна минатата година јасно да им објасни на Германците во време на пандемијата со корона дека мора да се ограничат патувањата, признавајќи дека лично ѝ е многу непријатно поради таа одлука. Бидејќи, слободата на патувањата врз основа на лично искуство ја смета за тешко стекнато право, но дека во оваа ситуација ограничувањето на тоа право е неопходно.
Поради ваквиот политички однос и вокабулар, нејзината хроничарка, Корина Хорствиша, соработничка и заменик-директорка на Германскиот маршалов фонд во Брисел, ја окарактеризира како нов вид политички лидер.
Хорст вели: „Таа е стабилна, верна и истовремено полна со емпатија. По тоа е единствена и со тоа го редефинира стереотипот на политички лидер, а на граѓаните им го нуди токму она што го бараат и што го очекуваат од водачот. Со тоа излегува од стереотипот на своите машки колеги.
Дури и нејзините најостри критичари ѝ признаваат дека е најдобар менаџер за кризи. Тоа го има докажано водејќи ја Германија низ глобална финансиска криза, должничка кризна, еврозона, миграциска криза и последните месеци пред повлекување во битката со корона. Најчесто се однесува како гласот на разумот, политиколозите ја опишуваат како смирена, прагматична и дипломатска, или подобро кажано, како микс од тие три особини. „Во неа нема ништо гламурозно, таа е всушност максимално рационална. Таа е олицетворение на она што мнозинството Германци го бараат во својот лидер и луѓето никогаш не би помислиле дека е корумпирана.
Габриел Абелс, професорка по компаративна политика на Универзитетот во Тибинген во Германија, опишувајќи ја Ангела Меркел, вели: „Иако понекогаш кај лидерите од другите држави гледаме повеќе харизма отколку кај неа, нам тоа не ни е важно, доста ни беше „харизма“ низ историјата“.
Својата одлучност и прагматичност ја докажа решавајќи ги некои од најголемите кризи во последната деценија. Успеа да постигне договор меѓу еврозоната и Грција, ги убеди највисоките руски и украински политичари да седнат и да разговараат едни со други.
Она по што ќе биде запаметена како „посебна“ во поновата политичка историја на Германија е со решавањето на бегалската криза. Во 2015 година беше бескомпромисна да ги дочека и да ги прими бегалците што избегаа од војната во Сирија и другите региони. Обраќајќи им се на Германците во текот на тоа лето, таа рече: „Политичките бегалци имаат прво на азил, можеме да бидеме горди на хуманоста што произлегува од нашите основни закони. Им обезбедуваме заштита на сите што бегаат од војната. Едноставно кажано, Германија е силна земја и можеме да ги примиме“.
Тоа се миговите што најмногу ќе се паметат. Кога сите ѝ советуваа да не го прави тоа, таа, во тие три недели во летото 2015 година, имаше напорна работа да ги убеди луѓето во својот кабинет, шефот на сојузната полиција и граничарите, и да им каже: „Ако можевме да ги спасиме банките, можеме да ги спасиме и луѓето“, оценува Мишабен. Таа одлука можеби ќе биде најсветол ореол со кој Меркел ја напушта политиката, тоа беше хуман и исправен потег што ги охрабри граѓаните на Германија да почувствуваат емпатија кон бегалците, локално да се организираат и да ги отворат своите души и домовите за унесреќени луѓе. Многумина ја критикуваа оваа одлука на канцеларката, особено што според процените, за една година 1,2 милиони луѓе стигнаа во Германија и што големиот прилив на бегалци создаде проблеми и на почетокот ги засили десничарските антимиграциски партии, како што е АФД, но тоа очигледно беше привремено, бидејќи АФД избледе на политичка сцена, а добредојдето кон мигрантите се покажа економски исплатливо.Според германскиот Институт за пазарот на работна сила и истражување на работниците, 49 проценти од работоспособните бегалци што стигнале во Германија од 2013 година се вработени, повеќе од половината се на квалификувани работни места, а повеќе од две третини работат полно работно време, 17 проценти се на платени програми за обука, а три проценти на платена практика. Другите студираат или барат работа, а 85 проценти поминале курсеви за германски јазик.
Како поранешен научник и министерка за животна средина, борбата против климатските промени беше во центарот на нејзините активности. Таа претседаваше со Првата конференција за климатските промени на ОН во Берлин и ги убеди другите лидери на Г-8 да ја прифатат потребата од намалување на емисијата на гасовите што предизвикуваат ефект на стаклена градина. Дури успеала да го убеди и Џорџ Буш дека климатските промени се реален проблем.
ЖИВЕЕ КАКО ПОТСТАНАР
Меркел повеќепати ја отфрли идејата да се кандидира и по петти пат за мандатот на канцеларка и повеќето аналитичари веруваат дека таа одлука е конечна. Дури и нејзината одлука да се кандидира за четврт мандат беше неодлучна, но кога виде како се однесуваат Путин и Трамп, почувствува дека ѝ е потребна на Германија. Но овој пат, смета Мушабен, таа е непоколеблива да се повлече од политиката. Ќе се повлече, ќе ужива и ќе се занимава со работи за кои во последните 20-30 години немаше време. Повеќе време ќе троши на готвење, правење колачи со сливи, супа од компири… но и ако сосема се повлече, таа уште долго ќе влијае врз целиот свет.
Нејзиниот приватен живот може да се опише во една реченица: Живее како потстанар и готви чорба од компири.
Иако по околу 16 години на челната функција канцелар се верува дека за неа сѐ се знае, всушност, многу работи се непознати. Како, на пример, дека е малку кратковида, а дека многу ретко носи очила и кога мора нешто да чита, обично за новогодишното обраќање пред Германците или на фудбалските натпревари и други ситуации, става контактни леќи. Мобилен телефон ѝ е канцеларија. Меркел не сака многу да телефонира, но обожава да пишува пораки и толку добро ја познава тастатурата на телефонот што може „да пишува на слепо“. Неделно пишува стотици пораки. Првиот маж Улрих го запознала на едно патување низ Русија во 1974 година додека била студент по физика, а повеќе од 30 години живее со професорот Зауер. Има постојани места за излегување и најчесто е во еден грчки ресторан во Берлин, каде што главниот готвач е Италијанец, кој одлично ги приготвува грчките ќофтиња.
Заедничкиот пријател на брачниот пар Меркел-Зауер е планинарската легенда на Јужен Тирол, Рајхолд Меснер, каде што Меркел често оди на одмор и се воодушевува од планинарењето. Опишувајќи ги во една репортажа за италијанскиот весник „Венити фер“ заедничките доживување од планината, тој вели дека Меркел може без прекин да планинари шест часа без пауза за јадење. Има, вели Меснер, интересни ситуации кога доминира авторитетот на нејзиниот маж. Така во една ситуација кога едно од децата на професорот Зауер побарало од совет него во врска со некои проблеми на факултет, Меркел сакала да се вклучи стручно, мажот шармантно ја запрел со зборовите: „Госпоѓо канцелар, вие сте одамна далеку од универзитетот и не се разбирате во ова проблематика“.
Меркел не прифаќа никакви честења, луксузни подароци и умилкувања. Сите сметки ги плаќа од сопствениот џеб, вклучувајќи го и кафето во службеното бифе. На годишен одмор оди како и милиони Германци. Не оди да гостува и да се одмора на скапите јахти на богаташите и други политичари, не се одмора во скапите и ексклузивни вили и апартмани. Приватниот живот е само нејзин и го држи „под клуч“. Во една предизборна кампања, на прашањето на новинарите што ги прави мажите да бидат атрактивни, одговорила дека тие некои работи едноставно ги прават подобро од жените, на пример, да цепат дрва.
Меркел е вредна, интелигентна и неподмитлива. Германците во неа не гледаат само политичар и физичар што успешно ја води земјата, туку и домаќинка, сопруга, помалку баба, која од маркетите знае сама да ги влечка кесите полни со продукти, дека нејзиниот маж никогаш не се жали на нејзините кулинарски способности и дека одлично готви чорба од компири и тесто. Таа вели дека маж ѝ единствено наоѓа замерка што колачите никогаш не се доволно благи, на што таа одговара дека тој е „син на слаткар“. Зауер е роден 1949 година во малото место што Лужичките Срби го нарекуваат Хозња. Неговите синови од првиот брак се големи и од нив има внуци со кои Ангела поминува прилично време и тоа ѝ ја зголемува популарноста меѓу Германците.
Хроничарите на нејзиното време велат дека успехот во политиката го должи на решавање на проблемите преку научно-аналитичкиот агол на квантната хемија.
Нејзиното моминско презиме е Ангела Доротеа Каснер, а презимето Меркел го презела од првиот маж Улрих Меркел, со кого била во брак од 1977 до 1982 година. Германците од милост ја викаат мама. Додека студирала, работела на шанк во едно кафуле како бармен за време на студентските диско-забави. Откако се развела од првиот маж, живеела „илегално“ во еден стан во близина на железничката станица. На триесеттиот роденден кога татко ѝ дошол во посета, разочарано ѝ рекол: „Не си стигнала многу далеку“.
Во онаа историска ноќ кога во ноември 1989 година бил срушен Берлинскиот ѕид, Ангела Меркел имала 35 години. Тој голем историски настан го прославила така што отишла во сауна, потоа малку прошетала и испила едно пиво. Додека сите други Германци славеле еуфорично до зори, таа бргу се вратила дома за да се одмори бидејќи утредента бил работен ден. Нејзиниот сопруг Јоаким Зауер е професор на Берлинскиот универзитет. Тој не сака никаков публицитет, дури не се појавил ни на нејзината инаугурација за канцеларка во 2005 година. Сака опера и патувања, но лета со евтини летови, дури и тогаш кога има можност да патува со службен авион. Меркел е одлична готвачка, најчесто прави колачи со сливи, кои ги обожава нејзиниот маж. Има навика секое утро на сопругот да му зготви појадок.
Меркел сака фудбал и често влегува во машките соблекувални за да им ја честита победата. Нејзиниот настап на големата политичка сцена е тесно поврзан со обединување на Германија кога како членка на граѓанското движење во Источна Германија и подоцна како членка на Христијанско-демократската унија ЦДУ ја почнала политичката кариера. Многумина сметаат дека таа кариера немаше да биде толку успешна без менторство и помош од тогашниот претседател на ЦДУ Хелмут Кол, кој младата членка на парламентот од источните провинција често ја нарекувал девојченце. Кол во 1990 година, за изненадување на многумина, најнапред ја поставил за министерка на младите и семејството, а подоцна за министерка за животна средина. Во 2000 година станала претседател на ЦДУ и на брутален начин по аферата на Кол поврзана со тајните донации, ги прекинала сите врски со својот промотор и побарала тој да се повлече од челната позиција на партијата, бидејќи ја вовлекол во длабока криза.
На власт во Германија стапила во 2005 година по предвремените избори кога лично ја формирала првата од четирите влади и каде што ќе остане на чело до денес. Никогаш не била претенциозна, а во историја на германската политика ќе влезе како канцеларка што била воздржана во средбите со политичарите, како што се Силвио Берлускони и Доналд Трамп. За време на бегалската криза во 2015- 2016, медиумите ја нарекувале „канцеларка на слободниот свет“.
Аналитичарите велат дека цел свет гледа во Ангела Меркел, а дека таа, и покрај тоа, живее еден сосема скромен и нормален живот успевајќи притоа многу успешно да го држи под контрола од јавноста. Велат дека дури ни министерот за финансии Волфганг Шојбле „не знае каде е нејзиниот стан“, на 4 кат на улицата „Ам Купферграбен“ број 6 на берлинскиот „Остров на музеите“ пишува само „Професор Зауер“ и ништо повеќе не се знае за овој изнајмен стан каде што живеат Ангела Меркел и нејзиниот маж, професор по квантна хемија. Велат дека станот повеќе наликува на студентски отколку на резиденција на канцелар. Но никој од нејзините блиски соработници, како што се Шојбле, или портпаролот на владата Штефан Зајбертне, не биле таму. Магазинот „Вју“ наведува дека таква ретка можност имала оперската дива Ана Нетребко, бидејќи Меркел обожава опери. Неколку „скришни“ места на кои може да се одмори се „свети“. Така, секојпат кога може, викендите ги поминува во својата викендичка во Хоенвалд во близина на Укермарк, 20 километри источно од Темплин. Тука ги полни батериите, слуша класична музика, готви покрај шпоретот, вари чорба од баштенски компири. Тука ретко прима гости, и како што пишува магазинот, ако некој се обиде да ја слика куќата, брандербушката полиција љубезно ќе му каже пред нивните очи да ја уништи сликата.
РЕКОРДЕРКА ВО ПОПУЛАРНОСТ
Ангела Меркел, и покрај непоколеблива одлука да се повлече, уште ги соборува сите рекорди на популарност и голем број Германци би сакале повторно да ја видат како канцеларка и по изборите за Бундестаг наесен.
Каква и да биде борбата против пандемија и изборите во Германија наесен, ова година ќе ја креираат новата политичката атмосфера на Германија, бидејќи Германците „со стопроцентна сигурност“ ќе ја испратат Ангела Меркел од политиката. Со еден збор, по 16 години власт, завршува ерата на Ангела Меркел, која беше на чело на четири влади на најсилната економија во Европа и четврта во светот. Така, Меркел ќе остане запаметена дека била на чело на државата исто толку долго колку и досегашниот рекордер на канцеларската функција Хелмут Кол.
Што ќе им недостасува на Германците кога Ангела Меркел ќе се повлече од функцијата. Флоријан Хартлеб смета дека тоа ќе биде нејзината издржливост, нејзиниот незапирлив скоро натчовечки работен ангажман, дисциплина и научените лекции во политиката. Ќе биде запаметена како канцеларка која во бурните времиња ги совладала сите кризи.
Кој ќе ја замени? Судејќи според истражувањата на јавното мислење, нејзината партија ЦДУ со 35 проценти гласови пред другите партии може да очекува дека новиот претседател на ЦДУ има добри шанси да стане и нов канцелар на Германија.