Претседателот Стево Пендаровски синоќа изјави дека сите мислеле дека со тие забелешки ќе можеме да ги почнеме преговорите.
-Веројатно Бугарија ги научи лекциите од Грција дека, ако не блокира сега, нема кога, изјави Пендаровски.
Минатата година, посочи Пендаровски, реков дека бугарската страна полека почна да ја политизира работата во Комисијата и почнаа да наметнуваат рокови до кога треба да се заврши нешто, што почна да станува симптоматично.
Според Пендаросвки, во 2017, 2018 и 2019 година немало никаква најава од Бугарија дека ќе излезе надвор од Договорот.
– Бугарските барања последните месеци излегуваат надвор од параметрите. Неоспорно е тоа, рече Пендаровски.
Тој обелодени дека било предложено во Комисијата како експерти да бидат вклучени германски експерти кои би помогнале како трета страна, но оти тоа било одбиено од страна на Бугарија.
– Јас тврдам дека овој формат во кој само бугарски и само македонски историчари седат нема да продуцираат добри резултати. Се додека не се приклучи барем трета страна која ќе има статус на консултант, нема да има напредок. Ние имаме и дадено предлог за да се вклучат двајца експерти од Германија, но тоа беше офрлено од Бугарија, изјави Пендаровски.
-Ние имаме договор и додека не договориме во него што ќе правиме, рече Пендаровски, не треба да има менување ниту на учебници, ниту на споменици. Истакна дека од наша страна ќе продолжи имплементацијата на Договорот.
Во однос на Чешка и Словачка кои не се согласија со заклучоците за проширувањето, Пендаровски рече дека се слушнал со двајцата амбасадори и изразил огромна благодарност.
– Чешка и Словачка рекоа што рекоа и го блокираа предлогот на Германија. Ние не сме дел од таа дебата, не сме членка. Вчера разговарав со двајцата амабсадори и изразив огромна благодарност, но сепак тоа е за нивна одбрана, не наша, рече Пендаровски.












