Претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност изјави дека во моментов нема потреба од прогласување на кризна состојба на цела територија на државава, но не се исклучува опцијата, доколку дојде до таква потреба, да се прогласи во наредниот период.
По речиси два ипол часа на состанокот, министерот за здравство Венко Филипче реферирал за најновата ситуација за која, како што рече, Пендаровски, вестите се позитивни.
„Во Центар жупа и Дебар има одлична соработка на терен меѓу Армијата и припадниците на Министерството за внатрешни работи како и со локалната самоуправа. Поставеноста на државата е адекватна, ако има потрева можеме да прогласиме кризна состојба“, истакна Пендаровски.
Пендаровски додаде дека министерот Филипче им го презентирал целокупниот план за актуелното распоредување на сите здравствени работници на територијата на земјата, кои се директно ангажирани, а кои во резерева и заклучокот е дека станува збор максимална и целосна мобилизација на здравствените работници.
„Заклучокот на Советот на безбедност е дека поставеноста на државата во овој момент е соодветна и адекватна на ризиците на ризиците на кои сме изложени, за што впрочем зборуваат проценките и коментарите на СЗО, кои тврдат дека ние сме државата од поширокиот регион која најдобро и најдоследно ги имплементира мерките кои се наложени од нив“, додаде претседателот Пендаровски.
Пендаровски истакна дека заклучокот на Советот дека ако има потреба можат да препорачаат на Владата да прогласи кризна состојба и во други општини, покрај Дебар и Центар Жупа.
„Не е потребно да избрзуваме со голо декларирање на евентуално повисоко ниво на некои состојби како што е вонредната или кризната состојба на целата територија, бидејќи по сите проценки, опасност дека такво нешто може да се случи не постои или ако поинаку се поставиме со таква новопрогласена правна состојба, не значи дека ќе превенираме ситуација до која не би сакале да дојдеме“, додаде Пендаровски.
Советот за безбедност ќе ја следи состојбата 24/7 и по потреба ќе се состанува секојдневно, а доколку има потреба и по повеќе од еднаш на ден.
А. П.












