Покрај сите нерегуларности и злоупотреби со кои се соочуваме во текот на изборните кампањи, пример за најголема злоупотреба која може да се случи е токму манипулацијата со децата и малолетниците, изјави Ангела Петровска од ЦИВИЛ – Центар за слобода на конференцијата „Какви избори – таква иднина“.
„Тоа сме го гледале низ текот на годините, без разлика дали на локални, претседателски или парламентарни избори, злоупотребата со децата секогаш била присутна. Иако секогаш добиваат жестоки критики од институциите, граѓанските организации, медиумите…, за тоа се работи за кршење на законот, политичарите, односно, политичките партии, сепак, продолжуваат со таа пракса“, рече Петровска.
Политичката злоупотреба е забранета со закон. Според член 12 од став 4 од Законот за заштита на децата се забранува злоупотреба на децата во политичко или верско организирање и дејствување.
„Па така, и за овие претстојни претседателски избори, во текот на предизборната кампања забележуваме примери за злоупотреба на деца и малолетници, во промотивни реклами, на митинзи и слично…
Во промотивна реклама на независната кандидатка за претседател Гордана Силјановска Давкова беа прикажани деца кои се седнати во дневната соба со своите родители. Родителите треба да бидат први кои треба да ги заштитат своите деца, а не – преку нив да ги искажуваат своите политички определби… Друг пример за злоупотреба на деца имаше при посетата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кога за време на средбата со граѓаните во Охрид, имаше деца кои фрлаа цвеќиња по неговиот пат…
На еден од митинзите на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, жена зборуваше дека наводно нејзиниот седумгодишен внук, кој патем не живеел во Македонија, и се јавил, и рекол дека најумно ќе биде доколку таа гласа за Пендаровски. Жената изјави дека нејзиниот внук рекол дека Пендаровски изгледал пристојно и дека личел на некој кој завршил факултет и дека поради тоа таа треба да гласа за него“, додаде Петровска.
Политичките партии и нивните поддржувачи треба да дадат придонес за заштита на децата, а не да ги коирстат во нивните кампањи. Државата и институциите имаат обврска на децата да им овозможат физички, ментален, духовен, морален и социјален развој и нормален живот во услови на слобода и достоинство, а не да ги „трујат“ најмладите со тоа како треба тие да размислуваат и дејствуваат за нивни одредени цели!
Камера: Трпе Стојаноски
Монтажа: Биљана Јордановска