Во земја во која политиката одамна ја изгубила врската со моралот, професор Владимир Пивоваров, експерт по безбедност, во интервју за ЦИВИЛ Медиа вели дека најголемата измама не се ситните криминали, туку лажните политички ветувања.
„Не-моралното го направивме морално, криминалното чесно – тоа е суштината“, вели тој, објаснувајќи дека популизмот не треба да се гледа само како манир на кампањите, туку како форма на измама што директно го оштетува граѓанинот.
„Четири години ви одземаат од животот. Гласот сте го дале за тие ветувања, а никој не одговара што не ги исполнува“, порачува Пивоваров, потсетувајќи дека уште во 2005 година го поставил прашањето дали неисполнетото ветување треба да биде кривично дело.
На овие локални избори, според него, повторно доминирале притисоци, купени гласови и пропаганда.
„Граѓаните се деморализирани. Секаде го чувствувам тоа – луѓето мислат дека ништо не можат да сменат“, вели тој. Кога се бројат гласовите, додава, прашањето е неизбежно: „Колку од тие гласови се купени? А тие пари – од каде доаѓаат? Од корупција. Со тоа ја легитимираме корупцијата.“
Пивоваров ја оценува и состојбата на демократијата. „Денешната демократија повеќе личи на анархија. Институциите што треба да служат – служат само за оние што имаат врски. Граѓанинот денес мисли: подобро во лудница отколку во судница.“
Според него, токму тоа е причината поради која младите заминуваат – не само поради економијата, туку затоа што системот е без смисла и без интегритет.
„Многу луѓе ја продаваат душата на ѓаволот за работно место. Политиката стана пазар, а достоинството – последната непрепознаена вредност.“
Иако е песимистичен, Пивоваров остава јасна порака: промени нема без вредности. „Ако сакаме да правиме држава, мора да имаме обврска едни кон други, а не само кон личниот интерес.“
Биљана Јордановска
камера, фотографија и монтажа: Ариан Мехмети












