По речиси една година, Државната комисија за спречување на корупцијата, ги добива своите конечни контури. На веб страницата на Македонското собрание се појави Ранг листата на кандидати за претседател и за членови на ДКСК.
Според бодовите што ги добија кандидатките и кандидатите за овие долгоочекувани функции, на врвот на ранг листата се наоѓаат Владимир Георгиев (100) и Софка Пејовска Дојчиновска, и двајцата искусни антикорупционери и дел од Секретаријатот на ДКСК, чии вработени на свој грб ја носеа институцијата во годината кога комесарите дадоа оставки под притисок на јавноста. По нив, следат и Катица Николовска, ревизорка, Нури Бајрами, вработен во општина Гостивар, Билјана Ивановска, ревизорка, Горан Трпеновски, новинар и Шемши Салаи, вработен во општина Врапчиште.
Следните чекори треба да ги изоди собраниската Комисија за избори и именувања која ќе го финализира изборот на кандидат(к)и, за потоа пратеничкиот состав да ги гласа на пленарна седница.
Комесарите на ДКСК останаа запаметени по тоа што го штитеа коруптивниот систем на претходната влада, а во неговите последни денови ја започнаа хајката против 22 граѓански организации што беа вклучени во отпорот против режимот. ЦИВИЛ беше една од најгласните организации што бараа оставки од комесарите на ДКСК. Речиси сите членови поднесоа оставки на почетокот на 2018 година. Во периодот кога ДКСК беше обезглавена, вработените во Секретаријатот дадоа сѐ од себе да ги одржат основните функции на институцијата.
ЦИВИЛ во декември 2018 година ја објави публикацијата „Антикорупција“, а во пресрет на 9 декември, Меѓународниот ден за борба против корупцијата и 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, ЦИВИЛ ја организираше националната конференција „За општество ослободено од корупцијата“.
Џ. Д.