ОЛИВЕР АНДОНОВ
Мачно е да се напише дневно (неделно) политичка колумна во која ќе се осврнеме на целокупната состојба и атмосфера во Македонија, а таа да не е прозаична како и самите теми и божем политики кои се наметнуваат за пишување или обид за анализа н нешто празно.
Во основа е тоа па тоа, изветвен ПР, со доза на интензивен популизам со антиевропски наративи преку антибугарска кампања. Без продуховеност, без тенденција на објаснување на состојбите и нивно насочување во некакви процеси кои ќе не извлечат од калта во која сме заглавени. Се е едно па исто, се препознава потписот и авторот на триесет години јаловата божем политика во Македонија. И секогаш е иста целта: „да се владее за да се биде на власт“. Односно власта е власт самата за себе со сите изразени лукративни цели поврзани со државниот ресурс наречен буџет. За остварување на таа цел се подредени сите јавни и скриени пораки до плебсот, оној што се уште е тука надевајќи се на некаква си милост од власта, во моментот од оваа нашата на ВМРО-ДПМНЕ.
Токму негувањето на ваквата матрица на политикантско однесување во јавноста ја зголемува апатијата кај граѓаните, како и брзото трошење и на оној мал кредит од граѓаните и, пред сѐ членовите – не од клиентелата, кој се зачува со локалните изборите.
Уште повеќе, упорното повикување на Мицкоски, како и на некои изгубени лица во македонското Собрание кои се божем пратеници од нашата партија, дека граѓаните го дале своето мислење на локалните избори, па дури и за буџетот за 2026 година, укажува на почетокот на крајот. Укажува на тоа дека се врти истиот истрошен политикантски наратив, спакуван во вулгарен и евтин неинтелигентен ПР.
Интересно е тоа што овој почеток на крајот започна за само 2-3 недели по завршување на локалните избори и „освестувањето“ на плебсот каде што сме, односно каде е самиот тој. Некако многу брзо се случува тоа. Токму укажува на идните тенденции дека доаѓањето на крајот ќе се забрзува од ден во ден доколку не се вразумиме во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Она што исклучително иритира е нападниот, агресивен ПР во служба на Мицкоски заради одржување на неговата врховна позиција, иако е видливо дека во нашата партија нема кој од актуелното раководство да му се спротивстави, односно да се обиде да го замени на претстојниот Конгрес. Од локално (илуминатско) преку национално (судско-обвинителско) па сѐ до меѓународно (средба со нашите Македонци во Албанија) ниво, секаде го имаме Мицкоски. Ами се сотре човеков последните две недели на сите страни. Те да го исчисти Скопје што почна со смотра на капацитетите на Комунална хигиена пред салата „Борис Трајковски“, па потоа да го осветли, па да го исчисти Вардар (а Вардар матен, па на дождот пак ѓубре довлече), па да се испорасправа со судиите и обвинителите околу парите за чии пари, нели, тој лично води сметка за секој денар, потоа да оди во хируршката болница Св. Наум Охридски (ме исплаши дека пак има некоја тртка и се ослободува, кога тоа да ти било увид некаков си) и на крајот – да успее да тркне до Тирана на политичкиот самиот на Западен Балкан со ЕУ каде што нема што ново да ѝ каже на Марта Кос (но и нам) за напредокот на Македонија кон ЕУ и уште и да се види со регионалниот претставник на НДИ и да заврши на партиска активност на УМС. Ами Супермен не му е рамен, се раскости човеков за интересот на нацијата и партијата, а и државата.
Е драги мои, посебно драги мои сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ, токму тука е проблемот. Сите овие „активности“ на Мицкоски не се ништо повеќе отколку еден простачки ПР со цел лажно претставување во јавноста. Се претставува Мицкоски дека работи 24/7 односно не спие, по урнекот на менторот му Вучиќ, а се за нашата среќа и подобар живот. И кој е резултатот од тоа? Повторно никаков, повторно не сме среќни и тешко дека Мицкоски ќе може на овој начин да нѐ усреќи, може ќе успее да нѐ насмее, но и тоа е успех, нацијата да му се смее на премиерот. Всушност, резултатот е контрапродуктивен за ПР-от на Мицкоски. Граѓаните гледаат дека во сѐ се меша, а резултат никаков. И тоа само уште повеќе го соголува, а граѓаните ги иритира.
Затоа и велиме дека ова е почеток на крајот. И повторно како Внатрепартиска фракција во нашата ВМРО-ДПМНЕ ќе кажеме: „Христијан, остави јалов ПР за кој ти се потсмеваат, фати се за конкретна работа и сработи нешто со видливи резултати за Македонија, а по можност тие да бидат на долг рок и трајни, доколку воопшто знаеш или имаш идеја што да работиш“. Нема полза од расшетување секојдневно низ Македонија и околината и мешање во ингеренциите на други институции.
Премиерот не смее да се меша во работата на локалната самоуправа, па нека е таа и од неговата, пардон, нашата партија. Тоа пред јавноста покажува дека Орце не е способен самиот да го води градот, туку му е потребен патрон во ликот на премиерот. Или можеби покажува дека премиерот нема што да работи, па сака малку да биде градоначалник. Како и да свртиш, работата не е на арно со вакво однесување, ниту за Орце ниту за Мицкоски од личен аспект, капацитет и суетност. А можеби би требало да пробаме со командата „менувај улоги“, оние кои во војска биле во артилерија, ја разбраа командата. Мислам дека Орце би бил задоволен од извршувањето на таа команда. Можеби за почеток – во партија.
Премиерот не смее да се меша во работата на обвинителството и судството, а посебно не смее да се меша во нивните законски определени финансии од буџетот и на тој начин да покажува моќ и влијание. Тоа и е една од основните забелешки во Извештајот на ЕК за 2025 година. Тоа е една сосема непотребна кавга која во општеството создава слика за автократскиот однос на Мицкоски и тоа кон сите и кон сѐ.
Премиерот не смее да се меша во работата на министрите, тој има обврска да ја координира работата на владата со која раководи и на министрите од владиниот кабинет да им дава задолженија со обврски во однос на пошироките, особено меѓународни обврски на владата и меѓуресорската координација. Посетата на болници, градинки, изградба на локални, регионални и меѓународни патишта и увиди во работата е сосема непотребно покажување на сила и моќ. Впрочем, за инфраструктура, транспорт и врски постои посебно министерство и министер. Владата има ресори – министерства, затоа што премиерот не е сезнајко туку координатор на политики и конкретни активности.
Премиерот не смее да се меша во работата на Собранието, иако е и претседател на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и ќе продолжи да седи на таа функција, повторно без демократизација на партијата. Нашата пратеничка група има свој координатор, како партија имаме и свој потпретседател на Собранието, од нашата партија е и Секретарот на Собранието. Кога имаме таква јасна состојба, координацијата на јавните политики, особено во однос на донесувањето на нови законски решенија или обврски за кои е надлежна законодавната власт, нема потреба да се покажува суета и авторитарност на јавна сцена. Онаа изјава дека, како мандатар, неговиот збор е последен, директно го понижува Собранието и неговата врховна законодавна власт и влијание како претставнички дом на сите македонски граѓани. Тоа покажува несомнена автократија.
Во потполност овој однос кон сите власти и нивоа во Македонија покажува демократски не капацитет и, најмногу од сѐ, арогантност кон македонската јавност.
Ја сум све и свја, е пораката која ја испраќа Мицкоски до домашната и меѓународната јавност, но најмногу кон ЕУ, каде што тежнееме.
Таков однос не поминува во нормалните демократски општества, кај европските држави и нивната јавност и се забележува како негативна референца. И тоа е еден аспект на однесување кој го најавува почетокот на крајот.
Вториот аспект кој го најавува почетокот на крајот, се невидливите резултати од владеењето на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, кои всушност навистина ги нема – не постојат.
Обидете се да се сетите на било кој државен или локален проект кој во последните седумнаесет месеци владата на Мицкоски го започна и кој го заврши или барем на кој работи и го најави за завршување во следниот период со прецизен датум. Обидете се да се сетите на барем едно законско решение кое регулира некои значајни односи за некоја категорија граѓани или барем чесно и јасно спроведување на законски решенија кои даваат бенефити за граѓаните, а тоа да не е злоупотребено во ПР лаги или одолговлекување на спроведување на законски обврски. Тоа создава чувство дека владата – извршната власт, нема однос кон сопствените граѓани кон кои има обврска за нивна правна и социјална заштита и сигурност.
Како однос не се подразбира фалбата на разни начини, вообичаено со изјави или ФБ статуси што ќе направиме, особено кога пратеници посетуваат министерства за да се пофалат дека „дале финансии“ за потребите на министерството, како од свој џеб да дале. Тука посебно место има предлог буџетот за 2026 година и фалењето како се обезбедени средствата за плати и пензии, поради што граѓаните не требало да се грижат. Обезбедувањето на плати и пензии, како и редовното функционирање на државните органи, а во тие рамки и редовните обновувања на материјално-техничките средства за нивна работа се дел кој не смее да се коментира и по автоматизам се подразбира. Прашањето со кое треба да се пофали владата на Мицкоски во однос на буџетот е обезбедување на средства за капитални инфраструктурни проекти кои ќе се започнат следната 2026 година и кои ќе имаат предвидливо временско завршување.
Македонските граѓани го гледаат овој однос и се добива чувство на крајна пониженост, бидејќи им се објаснува како успех нешто што би требало да е нормална редовна и вообичаена постапка, односно некој ги смета граѓаните за глупави.
Но повеќе од чувството на пониженост влијае чувството дека владата нема средства за редовно пополнување на буџетот, а не пак за негови развојни аспекти, поради што се создава едно чувство на загриженост. Кога како влада нема да направите, да дадете економско-финансиски импулс преку големи инфраструктурни проекти, туку ќе зборувате за социјалниот аспект како врвно достигнување во финансиската политика на државата, вие кај младата популација испраќате порака дека немате намера да им овозможите развој и истите ги насочувате кон заминување. И тука прашуваме за инфраструктурни проекти, а каде се развојните проекти во образованието, науката, истражувањето, високата технологија – кои бараат упорна, планска и динамична активност со создавање на кадровски потенцијал и што е долгорочен проект за најмалку 10 години.
Ете тоа е вториот аспект на почетокот на крајот, немањето визија за следните 10 години и воспоставување стратегија за развој во сите области и започнување со финансирање и секакво вложување во развој, а чии резултати ќе ги видиме за 5-10 години. Кога владата се занимава со прашања во домет до утре или најмногу за неколку месеци, тогаш е јасно дека се владее за да се владее, односно принципот е: „Купи ден продај, па до кога може повеќе“, тогаш е јасно дека крајот е тука.
И може Мицкоски да биде задоволен од овој начин на политика, квази патриотизам, социјала, пензии, глумење работа и вртење во круг. Впрочем и самите негови изјави се едно те исто. Те Бугарија нѐ кочи и да не е тоа сега ќе сме лидери, те ЕУ нѐ мрази и затоа ни дава негативни Извештаи, инаку ние сме лидери заедно со Србија, те обезбедивме сигурни плати и пензии, те судството и обвинителството се виновни, те посета од плоштадче, градинка и училиште до болница или локална улица и понекоја компанија или јавно претпријатие, и пак во круг и така секој ден последните седумнаесет месеци. Тоа е бесполезно трошење на нашите пари за кои Мицкоски тврди дека води сметка до последен денар.
Многу ме интересира: да се објават финансиските извештаи за неговите патувања низ Македонија и надвор во последните седумнаесет месеци и направените трошоци за автомобили, обезбедување, дневници (не само неговите, туку на сите кои патуваа со него), хотели, ресторани и други патни и останати трошоци и потоа да видиме што конкретно сме платиле. Односно, што сме добиле од таквите патувања. Министерот (министерката) за енергетика патувала дваесет и два пати за петнаесет месеци, а ние немаме ниту една нова државна хидро електрана, термо електрана, фотоволтаична електрана или ветерна електрана. Немаме ниту поевтина струја за домаќинствата, а не пак индустријата. Зошто тогаш патуваше Божиновска? За да обезбеди дневници за себе или за да разговара за свои приватни бизниси? Македонските граѓани плаќаат за приватни бизниси на луѓе од владата и за задоволување на нивните хедонистички „потреби“.
Така повторно доаѓаме до почетокот на крајот, крајот кој многу бргу ќе настапи, многу побргу отколку што Мицкоски очекува, бидејќи ништо не е различно во Македонија од пред нешто повеќе од една година.
Тоа што Мицкоски се надева дека со неспособниот (купениот-уценетиот) Филипче, договорот со Заев и умрениот СДС, ќе може да продолжи да владее ден за ден за да владее, е уште еден доказ дека е на почетокот на крајот. Едноставно, на овој начин македонските граѓани се буткаат дел во апатија, но еден добар дел кон барањето друго решение во политикантското мочуриште во Македонија. Тоа политичко решение кое е многу опасно за иднината на државата, во бесперспективноста и очајот на обичниот македонски човек во еден миг може да му изгледа како единствено можно и добро решение. И да не заборавиме дека на светската сцена се случуваат општествено-идеолошки и културолошки поместувања под влијание на засилената хибридна војна, кои токму во политичко-психолошки аспект одат во полза на ваквиот развој на настаните на македонската политикантска сцена. Но за ова во друга прилика и друга колумна.
Почетокот на крајот започна, нашата партија ја има целосната моќ во Македонија на сите нивоа на власт, но и целосната одговорност за резултатите кои треба да бидат конкретни и видливи. Затоа и движењето кон крајот ќе биде забрзано, без разлика што Мицкоски се обидува да купи малку време и да заигра на повеќе столчиња како неговиот ментор Вучиќ. Ќе помине и Конгресот на 6-ти декември, ќе помине и забавата со реконструкција на владата и глумењето на ценкање со ВЛЕН, ќе поминат и новогодишните и божиќните празници, ќе помине краткотрајната празнична еуфорија кај сограѓаните, ќе поминат и сто дена од реконструираната влада. И што потоа? Со социјален и ПР буџет, без развојна политика, без сериозен план за влез во ЕУ и лажење на македонските граѓани дека догодина ќе влеземе во ЕУ, затоа што Бугарија била во незавидна позиција и пропаѓањето на овие анти-ЕУ наративи, буквално ќе биде крај.
Но тој крај за кој зборуваме не е крај на владата на Мицкоски и негов личен политички крај, тој крај ќе биде крај на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, но и крај кој ќе предизвика длабоки последици за Македонија како држава и општество.
За да го видите, разберете и да го процените времето за настапување на крајот, погледнете во искуството на СДС и во нивните последици. Таму агонијата продолжува. Не само што не можат да го сменат Филипче (него дури и Мицкоски го брани да остане на позиција), туку и тие што сакаат да дојдат немаат претстава зошто сакаат да дојдат на чело на СДС. Ете, тоа е патот по кој врви и нашата ВМРО-ДПМНЕ, тоа е почетокот на крајот.
Специјално за ЦИВИЛ Медиа | Текстот е личен став на Авторот | | CC BY 4.0 – дозволено преземање со задолжителна атрибуција и линк до изворот
ЦИВИЛ Медиа се придржува кон уставното име Република Северна Македонија во своите објави. Ставовите и терминологијата во СЛОБОДНА ЗОНА се целосно на авторките и авторите и се објавени во нивна оригинална форма.












