Почна изградбата на првата социјална зграда во Пробиштип, што треба да се изградиза 18 месеци, а во неа да се вселат 48 семејства од социјално ранливите категории. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на АД за станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски и градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов денеска присуствуваа на официјалниот почеток на изградбата на зградата, која ќе чини околу еден милион евра.
„Целта ни е со нашите политики, во делот на социјалата да обезбедиме покрив над глава на најсиромашните семејства во нашата држава. Ние се надеваме дека согласно предвидените рокови оваа зграда во Пробиштип ќе биде реализирана и на тој начин да овозможиме на сите оние лица, кои се социјално загрозени да аплицираат за добивање на покрив над глава. Сакам да потенцирам дека овие денови ги потпишав решенијата за определување на социјалните станови во Општина Кочани. Овие денови ќе ги добијат решенијата, оние што аплицираа претходно“, вели Сугаревски.

Министерот Сугарески додава дека во соработка со АД за станбен и деловен простор оваа година ќе започнат со изградба на социјални згради и во Гевгелија, Виница, Пехчево, Свети Николе, Дебар, Велес, Скопје и Неготино.
Д.М.











			
