Авионот во кој се наоѓаше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше погоден од GPS пречки во неделата, а се сомнева дека Русија стои зад нападот, објави ПОЛИТИКО.
„Можеме да потврдиме дека имаше GPS пречки, но авионот слета безбедно“, изјави Аријана Подеста, заменик-портпаролка на Комисијата, во изјава споделена со ПОЛИТИКО.
Фон дер Лајен е на турнеја во која ги посетува „државите на првата линија“ Латвија, Финска, Естонија, Полска, Литванија, Бугарија и Романија, во обид да ја нагласи посветеноста на Европската Унија за зајакнување на своите одбранбени и безбедносни капацитети.
Таа пристигна во Бугарија во неделата, каде што посети производител на оружје во Сопот, во придружба на премиерот Росен Желјазков.
Авионот, кој беше изнајмен од Европската комисија за патувањето, не можеше да користи електронски навигациски помагала како резултат на пречките при приближувањето кон аеродромот во Пловдив, вториот по големина град во Бугарија.
„За да се обезбеди безбедноста на летот, Службите за воздушен сообраќај веднаш предложија алтернативен пристап за слетување со помош на копнени навигациски помагала (Инструментален систем за слетување). Навигациските помагала на земја што се користат во Бугарија се независни од GPS системите и овозможуваат безбедни и сигурни слетувања“, се вели во соопштението за медиумите од бугарската влада.
„Понатаму разјаснуваме дека немало потреба од пренасочување на летот.“
Подеста рече дека Комисијата добила информации од бугарските власти што укажуваат дека „тие се сомневаат дека ова очигледно пречки е извршено од Русија“, пренесе Политико.
Д. Т.