Невремето проследено со пороен дожд, град, грмотевици и ветер што попладнево го зафати Скопје, предизвика поплавување на улици, подвозници, куќи и дворови. Има и искрешни дрва и гранки, а повеќе автомобили и луѓе беа заглавени во поплавените улици.
Силниот дожд и градот го отежнуваше движењето по улиците чии коловози се под вода.
Има информации за поплавени улици, паркинзи, подруми, гаражи, паднати покриви од згради, паднати билборди, многу искршени дрвја кои паднале и врз автомобили и слични случаи предизвикани од невремето во Скопје
Неколку автомобили, од кои еден со деца беа блокирани, a уште 15 лица заглавени во едно комбе во поплавениот подвозник под стоковната куќа Мост. На двете локации интервенираа припадници на противпожарната бригада.
Полициски службеници во координација со другите институции им помагаат на граѓаните во Скопје по големото невреме. Се извлекуваат заглавените возила од подвозниците кај хотелот Александар палас, кај Континентал и кај стоковна куќа Мост.
Од службата за итна медицинска помош за МИА велат дека добиле пријави за повредени граѓани, но оти засега не се евидентирани посериозно повредени.
Од Центарот за управување со кризи, пак, апелираат до граѓаните да имаат разбирање оти службите реагираат по приоритет.
Информираат дека на телефонот 112 граѓаните може да пријавуваат паднати дрва, откорнати кровови, заглавени возила, поплавени простории.
– На улица „Киро Крстевски“ бр. 3 пријавено е дека покрив на петкатна зграда е оштетен, и дека за тоа се известени надлежните од Општина Кисела Вода и Територијална противпожарна бригада на Град Скопје, соопштуваат од ЦУК за МИА.
Веднаш по невремето на терен излегоа и интервенираме екипи на ЈП „Водовод и канализација“ во Скопје. Како што соопштија од претпријатието, се чистат сливниците и шахтите заради нормална функционалност на атмосферската канализација. Со цистерни се испумпува водата од подвозниците и местата каде имаше поплави и заглавени коли.
Дел од Трговскиот центар Ист Гејт Мол е поплавен по денешното невреме, по што менаџментот донел одлука да го затвори центарот за јавноста, и да ги евакуира посетителите и вработените. Како резултат на лошите временски услови кои предизвикаа елементарна непогода на територијата на град Скопје, како што посочуваат, дојде до излевање на вода од атмосферската канализација на уличната мрежа, која предизвика поплавување на подземните нивоа на трговскиот центар Ист Гејт Мол.
УХМР најави дека нестабилното време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер ќе се задржи до петок, особено во попладенвните часови. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер и услови за појава на град.
М.Д.