„Корупцијата, непотизмот, судирот на интереси се во континутет присутни со осамостојувањето на државата, но и претходно. Тоа е ментален склоп на општеството. Оваа антикорупциска комисија почнува да изработува Национална стратегија на најдобриот можен начин преку широка јавна дебата, работилници, со присуство на експерти што е доказ дека вербата во стратегијата ќе биде огромна. Овие луѓе беа избрани на најтранспарентен начин и мислам дека ќе имаат врвни резултати и ќе помогнат во насока на справување на општеството со ова зло“, изјави Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, по воведното излагање на почетокот од подготовката на Националната стратегија во борба против корупцијата.
Поповски изјави дека што се однесува до институциите, избраните функционери, администрацијата, тие треба да бидат транспарентни и одговорни, не само кон антикорупциска туку кон сите.
„Избраните функционери треба да бидат максимално отворени и достапни за сите, медиумите, новинарите, нормално и за Антикорупциска комисија и нивните барања. Голем е проблемот и кај администрацијата која не е навикната да дава одговори и да комуницира со оние што поставуваат прашања. Едноставно, ако тој менталитет не го смениме ќе имаме проблем. Вие можете колку сакате да имате волја, ако внатре ве блокира системот тоа предизвикува големи проблеми. Имаме волја, затоа сме одбрани, затоа сме тука и неслучајно Владата е најдобра во регионот со 78% исполнети критериуми за транспарентност и одговрност тоа е врвен резултат. Пред две години бевме на последно место“, изјави Поповски одговарајќи на новинарско прашање дали како министер одговорен за транспарентност и отчетоност ќе направи нешто институциите, министрите, избраните функционери да бидат ажурни во однос на одговорите побарани од ДКСК, со оглед што самата Антикорупциска се пожали на тромавоста на сите овие чинители во општеството.
Биљана Јордановска
Камера и монтажа: Ариан Мехмети