поентира: ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ
Популистите, како да немаат ниедна друга работа, ги гледаме како се сликаат покрај некој објект, како самите да го изградиле и платиле.
*
Сите имаме причина и треба да се радуваме за добивањето на датумот за почеток на преговорите за зачленување во ЕУ.
Сигурно немаат причина да се радуваат само оние на кои не им одговара што Бундестагот на Германија, меѓу другото, бара „и ефикасност на Специјалното Обвинителство (веќе преместено во едно друго институционално организирање)“.
*
Да немаме илузии дека по добивањето на датумот за почеток на преговорите, земјата така лесно и брзо ќе куртули од тие што политички прогон ја сметаат борбата против долгогодишниот криминал, корупција и неморал, ја заробија државата и ја втурнаa „во многу тешка кризна состојба“ (Прибе), од која сѐ уште не може да излезе.
*
Новите пратеници, комесари и директори на ЕУ, многу повеќе ќе им помогнат на граѓаните на РСМ, отколку на корумпираните политичари, доколку во преговорите се однесуваат малку поинаку од нивните претходници Вајгл, Кукан и Хан.
*
Дали во оваа држава некому му е познато кои услови треба да ги исполни лицето да го стекне правото на неопределено време да добие плата без работа?