Редакцијата на „Слободен печат“ информираше дека до нив пристигнале десетина порнографски клипови и фотографии со експлицитни содржини на кои се гледаат ликовите на девојките и жените од Гевгелија и Богданци.
Оттаму велат дека овие видеа масовно се споделуваат по приватни канали од еден на друг корисник во Гевгелија овие денови, а жените и девојките што се на нив, се мета на јавен линч на своите сограѓани, кои не само што ги споделуваат клиповите по пат на системи за пораки, како Вибер и Месенџер, туку и создаваат адаптации на логоа од порнографски сајтови насловени како „ГевгелијаХаб“.
Слободен печат го пријавиле случајот во полиција, кои, како што истакнаа од редакцијата, презеле мерки за расчистување на случајот.
Ова е втор ваков случај годинава, првиот беше во јануари со случајот „Јавна соба“, каде беа споделувани фотографии и видео клипови од девојки ширум земјава, а дел од нив беа малолетни.
Тогаш од секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со СВР Скопје информираа дека извршиле идентификација на сопственикот на групата „Јавна соба“ со иницијали Д. К. од Скопје и еден од администраторите на групата со иницијали М.П. од Скопје, но случајот не дојде до разрешница.