БОРКО ЗАФИРОВСКИ
Новомаалка, секретар на СКОЈ и член на КПЈ, студент по Право (1940 ,41′).
Учесник и потписник на Јунското советување (Козле, падини на Водно), рано утрото на 22 јуни ’41, се договара и се зацртува Проглас за народно востание. Присутни триесетина претставници на Месниот СКОЈ и Покраинскиот на КПЈ претставувани од Периша Савелиќ-Самсон и Перо Ивановски-Тиквар.
При завршување на „излетот“ како маска, а со причина што неколкумина не дошле и стравување од провала, дотрчува Карахасан кој слушал Радио Москва и соопштил-нападнат е Советскиот сојуз, што ја засилило одлуката за формирање одред.
Тоа е време кога Шарло е во Софија, а Лазо на консултации со Ранковиќ во Белград. Воедно Колишевски е и сведок на утрото кога Гестапо го апси Ранковиќ, а Лазо веднаш го информира Месниот комитет, што покасно резултира со акцијата „отпишани“ па го ослободуваат.
Во меѓувреме Лилјана и Периша работат на стратегијата за ударни групи (саботажа на аеродромот) и за одредот, особено по Повикот за востание од 4 јули на ЦК КПЈ, упатен до сите народи (секако и до Македонците).
Првиот Скопски одред е формира на 22 август, а заклетвата е пред Периша Савелиќ.
Лазо се враќа во Скопје во првите денови на септември, а веќе е стигнато писмото од Коминтерната што на Коце Металец во Софија му го дал членот на Воената комисија на ЦК БРП(к), македонскиот журналист Митко Зафировски, во кое се поддржува делувањето на Македонскиот покраински во рамки на КПЈ.
Патем, Митко со трочлена комисија претходно во мај, ги посетува Скопје, Велес и Прилеп со оценка дека Шарло е колеблив, а месните во Скопје, Велес и особено Прилеп, (Кузман, Вера, Мирче…), се подготвени за бој.
(За таа прва средба во Прилеп, пишува и В.Ацева, кога Митко го барал Борко), (семејното и илегално име на К.Ј.Питу.). За жал Шарло не се враќа од Софија, тажно манипулиран.
Колишевски го презема Претседателствувањето со Покраинскиот па ги реорганизира историските одлуки и согласно состојбите на теренот. Прилеп се подготвува за нападот на 11 октомври, па Куманово, а на 16 ти октомври, на Скопска Црна Гора по втор пат се заколнува проширениот Скопски пред „кумот“ Периша Савелиќ.
Со сите активности Бугарските полициско-жандармериски сили прават панични рации.
Уапсен е Колишевски во Охрид, а Савелиќ, Манева и други, во Скопје, ноември 1941г.
Лилјана Манева со Милева Сабо, секојдневно се измачувани, тепани и понижувани, а храна помија, до судењето во мај 1941г.
Скопската и пошироката јавност се згрозени, а за Манева и како ќерка на Илинденците Петре и Катерина, како и тетката Роса и тетинот Плавеви, па да не се бројат. Делумно се уплашени Бугарските власти, кои целосно ги изгубија Илинденците (освен платениците во повремените контра чети, кои добиле униформи и оружје, а работеле на повик од дома).
Со одложената смртна казна во Интернација во Разлог (Пиринска) оди Лилјана, со тешки здравствени наоди.
За некоја среќа, доделена е кај домаќин кој во од ја прашал од каде е, па кажала од Скопје, а тој објаснил, знаев еден Петре Манев од Велес, а Лилјана рекла, по тој ми е татко. Имено, човекот се расплакал оти Петре во Илинден му го спасил животот…
Тој помага да се излечи, а Лилјана ја посетил министер во Бугарската влада, зет за прва братучетка, и врачил пакетче и билет за Куманово каде што имала договорена врска за во одред, па во Третата македонска бригада.
Кога го отворила пакетот, имало чоколадо, двопек и заштитни капаци за уши при силни звукови од пукање.
Сфатил каде оди, како и домаќинот кој ја спровел, но потоа уапсен и мачен.
Во меѓувреме Периша В.А.Дрен, Лазо и други се префрлаат во Софискиот затвор каде што Периша е обесен утро спроти денот на одредот, 22 август 1942 г., а во писмо до Љиљана, додека ги чека егзекуторите, кажува дека оди на бесење, но храбри да се издржи, иако го чуди дека другарот Лазо ја одбил идејата за договорено бегство (Архивски документи).
Во ослободување на нејзиното Скопје, Лилјана доаѓа со коњ (фото Б.Дрнков), на патот од Врановци кон Водно за како пол.комесар на 42 дивизија при Главниот штаб, а во џебот најмилото признание, Орден за храброст од М.Апостолски за битките кај Табановце и Црна Трава, во пролетната офанзива до Егејска Македонија. Искован негде (а потоа го снема од дома, некој мислел дека е златен…)
Под Китка.
Во меѓувреме, спроти АСНОМ Третата ударна („Ко челик сме ние“) го контролира појасот околу Прохор Пчињски.
Целиот период на окупирано Скопје многу малку провали успеале, а жителите извонредно ја чувале својата мултинационална и мултикултурна средина и логистиката на Партизанската војска.
Во една монографија на акад. Блаже Ристовски за тетин ми Емануел Мане Чучков поместено е и писмо од М.Апостплски до Мане, во кое го упатува како што му пренела Лилјана… на средба во Овчеполието (Св.Николе?) сите активности на АНОК (со Глигоров и други) да ги насочат и со присуство во Главниот штаб.
Од тоа заклучив дека Л.Манева има директен удел во консолидацијата на сите сили за подготовка на државотворниот АСНОМ, а патем Мане како член на Иницијативниот одбор, пред Заседанието, со Ченто заминува за Вис на повеќедневна средба со Тито, чекајќи ги неговите дипломати од Москва и Неапол, кај Сталин и Черчил, за признавање на Македонските граници и немешање. Во меѓувреме била и Грчката делегација која приговорила дека Македонската војска делува длабоко на нивна територија.
Конечно, ветени се поствоени покраини и автономии во Егејска и Пиринска. Мане покасно во „Илинденски пат“ ја опишал средбата.
По АСНОМ и по падот на Царството Бугарија, македонски претставници и Темпо се среќаваат со Колишевски, ослободен од затвор и со шиена униформа.
Имено, Темпо го промовира да преземе активни обврски (по септември 1942-1944).
Колишевски ги презема партиските ингеренции а потоа во март 1945 г. и државните како Претседател на Влада.
Со тоа отпочнува енигмата за Колишевски кој се втурна во изградбата инструментите и институциите на државата, но искажа не толерирање а и омраза кон претходните кадри и авторитети. Се претвораше во култ и судија на времето. Ги бришеше предлозите за Партизански споменици за Скопските кадри поврзани со Првиот скопски, а праќал цинични пораки, да поднесат барања.
Замижа и пред прогласување за народен херој на Периша Савелиќ, Црногорецот остана да се бори за слободата и за Македонија. Конечно, ни грозоморната смрт на Невена Ѓорѓиева-Дуња омилените на Лилјана другарки не му беа доволни, едноставно Дуња била борец во Првиот скопски, пред да дојде Лазо.
Да нема забуни, тој беше вешт и со илинденските споменичари, па моите баби и дедовци имаа џепарлак и носење на споменица за празници, а баба Роса Плавева, секојдневно (со право да бара кола да ја чека на идење од Белград, каде што со Споменицата и црвената вратоврска и автобуси сопираше).
Роса Плавева. Истрајна и за Тито, на телевизорот му аплаудираше, а не падна на ИБ.
Секако, се создаваа институции и кадри, како и созревање на интелектуални елити, со влијание но не и со материјални надокнади.
Другарките и другарите се ослободуваа од воените трауми, па додека догматиците гибеа глава во самољубивост, Лилјана Манева туркаше журнализам со Малинска, па ја формираше „Просветена жена“, а со Вера Ацева средуваа и здравство, па потоа со Малинска Радиото (велеше, да побегнам од Це Ка) а некои се сетија дека е итно формирање на Телевизија Скопје.
Така почна да формира екипа од техничари и инженери (од „Техно филм“), режисери, соработници и уредници. За заменик го покани Ахил Тунте, а стигаа и младите писатели, Матеја, Солев, Алексиев, Арсовски, Андреевски, Оливера… плејада од најдоброто.
Паралелно со ТВС, прифати за Претседател на Советот што го осмисли и втемели „Охридско лето“.
Ниту ТВС ниту „Охридското“ во транзицијата не ја поканија на јубилеите. Тоа не ја вознемири.
Една државничка мисија треба да се истакне.
Лилјана Манева повеќе пати беше републички и сојузен пратеник. Од 1969 до 1974 ја доби задачата да го координира македонскиот клуб на пратеници и да биде Претседател на одборот за внатрешна политика, претежно одбрана и полиција. Колку проценувам, тоа беа модернизации за контрола на силата, постбрионски, а по криминалниот терористички упад со шлепер на обучени усташки бојовници и страдањето на локално население и територијалната одбрана, се донесе одлука за подготовка на Закон за самозаштита. Се поклопи и нападот врз амбасадорот Роловиќ, а и врз претставникот во Воената Мисија во Берлин, хрватско-македонскиот борец и општественик Антун Колендиќ.
Манева со колегите и стручњаците го изготви робусниот систем, за што требаше време а тој редовен мандат се продолжи, за прв пат на 5 години.
По враќањето од Белград Лилјана е член на Советот на Републиката а во една прилика другарот-соборец од Третата ударна Ванчо Унковски и предлага да помогне на Скопскиот па и Републичкиот сојуз на борци. Тоа имало „глагол“, па Манева ги охрабри Скопските кадри кои објавија и сеќавања за НОБ и за Првиот Скопски одред што историјата на Колишевски грубо ги бришеше. Тие жртви и активности во меѓувреме ги осознаа и кадрите од внатрешноста па никој не ги оспори подигањето на спомен-обележја на Одредот, на погибијата на Питу, за кој сите што го знаеле велеа дека бил најголемиот интелект и организатор во НОБ, што особено прилепчани му го сервираа на Лазо, кој завидувал и на загинати херои.
Имено во тој период, на седница на Це Ка, зад претседателот Чемерски минел другарот Лазо за на отворен микрофон да прекори: „Вие овде состанчите а Лилјана Манева споменичиња дига низ Скопје…“.
Гласот на истрошениот и семоќен Лазо одамна немаше сила и значење бидејќи во шеесеттите го поканија во Белград па партијата и државата добија шанса со Крсте Црвенковски да реализираат една пофлексибилна и креативна политика.
Многумина ме прашуваа зошто после високи должности се прифати до маргинализираните борци: и пренесов а Лилјана Манева, како што умееше, гласно се изнасмеа, како некој пркос – со тие борци го почнав животот и така да завршам, да се оддолжам кон жртвите.
Лилјана сакаше литература и со Деса (Миљовска) од студентското рецитирање, Дучиќ, Ракиќ, Пушкин, до нејзиното заминување во мир, слатко разговараа по телефон, за прочитани страници.
Со Лина и Васка (Дуганова), се играше преферанс, во Дорјан се чешлаа уметноста и политиката со Иван (Талески, со драгиот Конески, со Солунски…) Тие лоби како и Охридското кај Миљовски ја раскажуваа историјата, а помладите под балкон ги прислушкувавме.
Беа дискретни и без освети или омраза, оставаа аманет за среќа на новите генерации, во слобода и просперитет.
Останаа идеалисти, борци пацифисти и интелектуалци.
П.С. женското поствоено „лоби“ беше еманципирано и без предрасуди, едноставно тие силни и прекалени жени денес треба да им се пример за јавна и приватна слобода и поставеност.