Информација за состојбите и извршените посети во општините Штип, Пробиштип, Свети Николе, Радовиш, Конче, Чешиново – Облешево, Карбинци и Лозово ќе биде централна тема денеска на четвртата седница на Владата, која ќе се одржи во Штип.
За оваа информација, но и за активностите на членовите на Владата во регионот изјави за медиумите ќе дадат премиерот Оливер Спасовски и градоначалникот на Штип Благој Бочварски. Изјавите ќе бидат дадени во холот на општината во 17:10 часот, а седницата се очекува да почне во 17:30.
Владината седница во Штип е четврта од серијата седници што се одржуваат во 10 региони во земјата.
Премиерот Спасовски и министрите, како што соопшти владината прес – служба, ќе имаат и повеќе активности во штипскиот регион.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, како дел од неговите активности во пресрет на владината седница, ќе изврши увид во работата на пречистителната станица Злетовица во населба Баби.
Пред одржувањето на владината седница во Штип, вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со британскиот бригаден генерал, Хју Лојд Џонс ќе ја посетат Касарната „Јане Сандански“ во Штип. Во оваа касарна се реализира обука под менторство на припадниците на вооружените сили на Обединетото Кралство.
Премиерот Спасовски, заедно со вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори Мила Царовска, дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Санела Шкријељ и директорката на УЈП, Сања Лукаревска ќе ја посетат текстилната компанија „Албатрос“ во Штип. Предвидена е средба со менаџментот и вработените во фабриката.
На оваа средба, како што е најавено, ќе присуствуваат градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, претставник на Организацијата на работодавачите, како и претставник на Здружението „Гласен текстилец“.
извор: МИА