ОЛИВЕР АНДОНОВ
Не сакам да пишувам за актуелните политички случувања во Македонија иако за само две недели од завршувањето на локалните избори се случија неколку настани кои во нормални и демократски развиени држави несомнено ќе предизвикаа паѓање на владата. Сакам да пишувам за идеолошко-филозофскиот пристап кон македонската идеја и нејзината живост. Нешто за што најпрво би требало да стане збор во МАНУ и во рамки на универзитетската професорска фела, а потоа во јавноста.
Современие или сивило
Не дека сакам да ги пренегребнам деталите од Извештајот на ЕК, продолжениот наратив со анти ЕУ пораки, квази патриотски пораки за неговата гооолема македонштина, повторно насочени против ЕУ и други етномобилизирачки манипулирачки пораки од Мицкоски на кои се надоврза Силјановска. Потоа, повлекувањето од Македонија на две странски компании и најавата на Мицкоски за божем нови инвестиции и неговиот не емпатичен однос кон македонските граѓани кој остануваат без егзистенција. Особено не може да се прескокне коруптивниот скандал со ИПАРД 3 фондовите на ЕУ и блокираните средства за земјоделците и обидот на Мицкоски да менаџира криза во која е фатен жив. Исто како и упорното, би рекол магарешки упорната кавга со третата власт – судството и тоа толку неинтелигентно – фронтално судирајќи се и покажувајќи нервоза на јавна сцена. И се до онаа будалаштина на два лика на некоја емисија клон на Њусмах Балканс во Македонија каде на македонски јазик по владина задача преку сентименти кон СФРЈ се обидуваа да не убедат дека „српскиот свет“ е фатаморгана за која се зборува во Македонија, односно да не направат будали дека тоа што го гледаме не го гледаме и нема докази за оваа делување. Видлива е и нервозата кај Мицкоски посебно во врска со судството и финансиите, а што укажува на тоа зошто е вака склопен буџетот за 2026 година.
Секоја од овие теми кои ги наведов заслужуваат политичка и секаква друга анализа и дескриптивност со што би ги пополниле следните два месеци со неделни колумни. Но знаејќи ја способноста на владата на Мицкоски за производство на скандали и глупости, буквално ќе не прегази времето. А и така не очекуваат неколку последователни и особено за политикантското мочуриште во кое живееме „важни“ драмолетки во политикантскиот театар и тоа едночинки на релација Мицкоски – ВЛЕН, СДС против СДС и секако Конгресот на Мицкоски и „демократизацијата“ на нашата ВМРО-ДПМНЕ. Така што ќе имаме теми и теми за пишување и освестување на македонските граѓани а посебно на нашите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради сето ова, неделнава колумна ќе биде насочена, како еден осврт, токму кон освестувањето на македонскиот народ и македонската нација и затоа и носи наслов „повикување во живот“. Тоа повикување за оживување е повик кон целата македонска нација. Повик за вистинска љубов кон Македонија, кон македонската нација, не кон квази патриотизмот сместен во ладен безобличен и нервозен наратив на Мицкоски.
Знам дека дел (можеби и поголемиот) од македонските Албанци, но и од Македонците нема да се согласат со мене и мојот став за македонската нација, а некои злобници дури и ќе не нарекуваат „северномакедонска нација“ во обид да ја дезавуираат оваа исклучително важна општествено-политичка тема за која нема никаква расправа во академската јавност, во МАНУ, а не пак во јавноста и на медиумите. Но тоа и не ме засега. Целта за повикување на живот кон македонската нација е исклучително важна поента за опстанок на македонската држава и македонскиот народ.
Историската ретроспектива како алатка за враќање на заборавеното искуство
Повикување кон живот на македонската нација всушност е оживување на изворната македонска идеја. Ова оживување има и историска ретроспектива во политичката парадигма на односите на Македонија кон СФРЈ и југословенската идеја. На повикувањето во живот на македонската нација чии животоносен дел е македонскиот народ, нашата политикантска „елита“ нема да реагира. Ова е цврсто тврдење зад кое стојам, бидејќи овие умртвени политички трупови всушност ја умртвија македонската идеја на најбезобразен начин и пред очите на македонскиот народ кого претходно го ослепеа.
Оваа состојба на замреност во македонската нација е присутна последниве педесет години со мали прекини благодарејќи на поедници и историски моменти кои условиле тие прекини да се случат. Еднаш тоа е 1991 година во врска со Референдумот за самостојност на Македонија, но и тука со голем сомнеж поради вториот дел од референдумското прашање и втор пат во 2001 година но како млака вода покажана низ желба за одбрана на македонската држава според принципите од АСНОМ, и повторно во отсуство на антиципирање на иднината и процесите и без јавна дебата како превенција на ризици и закани, поради што и го добивме Охридскиот рамковен договор.
Историската ретроспектива на живост на македонската нација и со неа и македонската идеја завршува на почетокот на седумдесеттите години од минатиот век кога македонската идеја преку прифаќањето на југословенската идеја од страна на политичката јавност е потисната и во општеството. Всушност македонската идеја е потисната од српската идеја но како инструмент е искористена југословенската идеја. Ете го одговорот на современиот изблик и влијание на „српскиот свет“ и политичко-идеолошкиот и прагматичен настап на Левица со помош на инструментот сентименталност кон СФРЈ и соработката со Вулин.
На еден ваков политички процес не се спротивставува ниту актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа е дел од „српскиот свет“. Не дека самите се во целост и сите свесни што работат, но работата на штета на македонската идеја а нивната несвесност не ги амнестира од одговорноста.
Во историската ретроспектива никако да погледнеме подалеку од денешното современие на безумие за да ги најдеме корените за нашиот неуспех денес и не баш светлата иднина. Затоа и не се поттикнува историската наука во Македонија да врши истражување на периодот од 1918 година (времето на Кралството на СХС/Кралство Југославија) па се до 1992 година (дефинитивниот распад на СФРЈ). Од овој период се истражува и тоа само наменски и тенденциозно сп многу контраверзи Втората Световна војна. Токму спротивно, потребно е детално истражување на политичките процеси на југословенскиот простор, особено по 1945 година, на времето на СФРЈ. Потребно е разбирање на тоа зошто една држава во еден век два пати се распадна и кои беа грешките на составувањето на Југославија по Втората Светска војна. Односно да се состави неспоивото а при тоа да се постави да функционира како „замрзнувач“, што во разни прилики на свој начин ќе го кажат Крамариќ и Пуховски.
Кога историската наука во насока на „повикување во живот“ на македонската идеја нема да се поттикнува на истражување и прибирање на фактографија и архивски материјали за најновата македонска историја, сосема е разбирливо дека во Македонија малкумина ќе знаат (а за некои тоа ќе биде и вистинско откровение кое ни било пред очи) дека во 1962 година на состанок на Политбирото на ЦК на КПЈ во Белград од македонска страна биле присутни Александар Грличков и Лазар Колишевски. И зошто токму оваа седница на Политбирото во 1962 година е важна за нас во Македонија? Затоа што на истата, и тоа според лични записи на Колешевски и искажувања на Грличков пред Старделов, како реакција на погрешната политика на Коча Поповиќ како министер за надворешни работи кон Бугарија и Грција а во врска со „Македонското прашање“, и двајцата (Колишевски и Грличков) на сред седница јасно и пред сите му рекле на Тито дека доколку СФРЈ не се грижи за македонското малцинство во соседните земји како и за другите југословенски малцинства, Македонија ќе се отцепи од Југославија.
Какви и да се мотивите или сериозноста на Колишевски и Грличков, самата таква сепаратистичка изјава на седница на Политбиро на КПЈ во 1962 година пред Тито и во присуство на Поповиќ и Ранковиќ, е несомнен израз на посветеност кон македонската идеја. Уште доколку знаеме дека по оваа сепаратистичка изјава на Грличков и Колишевски, Тито ја прекинал седницата и посебно разговарал со нив, а не дозволил овие искажувања да влезат во записникот од седницата, може да констатираме дека искажувањето било сериозно разбрано. Колку било тоа сериозно искажување и сепаратистичка тенденција на нас Македонците, и колку Тито тоа сериозно го разбрал а при тоа ја разбрал тенденцијата на политичкото однесување на Поповиќ и Ранковиќ, односно влијанието на српската политика врз Македонија, како и потребата за македонско ослободување од српското иго, покажуваат некои идни настани. Имено, во 1966 година пред и за време на Брионскиот пленум на кој се расчистува со Ранковиќ (читај големо српската политика под пазувите на комунистичка Југославија), Тито за претседател на Комисијата го назначува Крсте Црвенковски. На овој начин тој и дал директна шанса на Македонија да се ослободи од влијанието на Белград, односно да ја прекине папочната врвца со денес препознатливиот „српски свет“. Колку тоа било умешно, правилно и долгорочно искористено е сосема друго прашање чии последици ги гледаме и чувствуваме и денес. И тука ќе застанеме со ретроспективата кон овој настан оставајќи простор на нашата македонска историографија да се занимава со научно истражување на истиот, но и на слични настани. Едноставно, јас како универзитетски професор по одбрана во однос на историската ретроспектива имам други интереси и контексти и не би сакал да навлегувам во анализи и толкувања на одредени настани. За потребите на оваа колумна ретроспективата на еден ваков настан е сосема доволна и има за цел да не врати кон современите состојби на македонската идеја и потребата од повикувањето на живот на македонската нација и живост на македонската идеја.
Живоста на нацијата или жива нација
И логично, во истиот контекст на македонската нација и македонската идеја се поставува прашањето „дали нациите може да исчезнат“? Прашање кое уште во 2023 година го поставува и тоа пред МАНУ токму Златко Крамариќ. Токму тука е и одговорот на задушувањето на македонската идеја низ историскиот процес во последните педесет година на нејзино супституирање низ југословенската идеја, односно „српскиот свет“ во современието. Таквото задушување на македонската идеја, по принципот на варењето на жабата со постепено загревање на водата е всушност наметнување на божем наднационална идеја која не критички се прифаќа, а потоа истата се употребува како сентиментален инструмент за креирање на позиции за прифаќање на друга „братска“ идеја во други историски околности, повторно без критички осврт. Всушност тоа умртвување на македонската идеја во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век доведуваат до состојба во која Македонија неподготвена го дочека распадот на СФРЈ, за разлика од Словенците, Хрватите и Србите кои секој за себе водени од сопствената национална идеја знаеја што следува, каде се движат процесите и пред се која е нивната национална цел заради зачувување на националната идеја.
Оттука, одговорот на прашењето на Крамариќ „можат ли нациите да исчезнат“, за нас Македонците е повеќе од видливо. Може, особено кога македонската идеја се умртвува, односно не е жива и животоворна, кога разни политикантски креатури, олигофрени ликови, политички дустабанлии, за сопствени лукративни интереси и за туѓи регионални и геополитички интереси ќе ја водат државата и нацијата. При тоа, тие не гледаат ниту среднорочно на 5-10 години, нивниот домет се 2-4 години, односно од изборен циклус до изборен циклус за да се преживее на власт. По можност да не се чепка ништо (не таласај) за да не се предизвика нервоза кај гласачите и да се одржува сивата и безидејна партиска булумента клиентелисти кои треба да ги одржи на власт. А најповеќе да се украде што е можно повеќе од народното азно.
Ваквата состојба во македонската национална политичка идеологија трае веќе цели 50 години без разлика дали на власт е десницата или левицата. Впрочем, тие и самите имаат идеолошко-политичка празнина во политичката идеологија. Најразочарувачки е тоа што оваа состојба е втемелена во ВМРО-ДПМНЕ која според идеологијата за македонска држава на историското ВМРО, би требало токму најмногу и со сите интелектуални и идеолошки сили во партијата да ја држи во живот македонската идеја како темел на македонската нација. И таа идеја да ја спроведува во пракса преку засилување на македонската нација.
Ние денес имаме потполно непостоење на идеолошко-политичка идеја во ВМРО-ДПМНЕ а не пак на македонската идеја и нејзина живост и динамичност која ќе ја поттикнува македонската нација. Нашите, како Внатрепартиска фракција, повици кон раководството на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ се задушуваат од јавност еднакво силно како што се задушува и будењето на македонската идеја и живоста на македонската нација. Затоа не е чудно што современиот Македонец лута во својата идеја помеѓу анти европскиот наратив, омразата кон Бугарите, Грците и Албанците и историските антички заблуди со ѕвездата од Кутлеш. Заспаната – умртвена македонска идеја која ја умртвува македонската нација не може да се снајде во изменетиот современ свет педесет години подоцна, и затоа во својата агонија се враќа наназад во времето на Отоманската империја, во времето на зреењето на македонскиот народ. Но не како ретроспектива која ги бара заборавените искуства, туку како анестетик при умртвувањето на живата македонска нација. Во таа агонија посебно е затруена со антички идентитетски тврдења кои за современата македонска нација и самата македонска идеја немаат никаква културолошка, јазична или религиска заедничка меморија на македонскиот народ но и на сите македонски граѓани.
Паралели
И да се вратиме на 1974 година и апелирачкото обраќање на акдемик Димитар Митрев кој повикува на будење на македонската идеја наспроти „југословенската идеја“, но останува задушен, бидејќи југословенската идеја во тој период доминира во македонскиот јавен простор, исто како што денес доминира идејата за југословенски сентимент како промотор на идејата на “српскиот свет“. Ова е исклучително важно да се знае пред се, затоа што југословенската идеја а уште помалку „српскиот свет“ немаат никаква историска поврзаност со македонската идеја се до 1945 година. По Балканските војни, Правата Светска војна и во периодот помеѓу двете светски војни, Македонија е под окупација на српската круна и во јавниот простор не се споменува Македонија, а не пак Македонци, македонска нација и македонска идеја.
Секако, основата е јавниот простор. А кој го покрива јавниот простор? Па медиумите. И тогаш во времето на академик Митрев и денес во „независна ем суверена“ Македонија. Тогаш под контрола на СКМ и влијанието од политички Белград, а денес под контрола на олигархијата и власта компромитирана и корумпирана од истата таа олигархија поврзана со Белгардската пост југословенска олигархиска и политичка сила. Затоа и нема медиумски реакции или повик за живот на македонската идеја. Затоа нема поттикнување на македонската нација туку се поттикнува апатијата и барањето заштитник и тоа во оние кои ни беа окупатори, или барање заштита од волците во јагнешка кожа. Затоа и имаме се поголема општествена дисолуција која се гледа секојдневно.
Идејата за македонска нација и македонската идеја постојано треба да се доградуваат и одржуваат во живот. Токму тоа е и главниот мотив кога како Внатрепартиска фракција зборуваме за обединување на сите кои живеат во Македонија околу македонската нација, тоа е идејата и целта кога велиме дека ВМРО-ДПМНЕ мора да се отвори за сите припадници на други народи кои живеат во Македонија врз политичко-идеолошка и национална основа. Државотворната македонска идеја на ВМРО е филозофија на македонската егзистенција и истата треба да се ослободи од игото на „српскиот свет“ кој има колонијален однос кон Македонија и Македонците. Во „српскиот свет“ нема простор за постоење на македонската нација, а не пак за нејзина живост и повикување на себеси. Во исто време низ овој процес на ослободување потребно е да се ослободи и македонската кауза која е киднапирана и задушена од страна на Мицкоски и актуелното раководство токму на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Тука во оваа точка е детерминирана најдиректната потреба за членство на Македонија во ЕУ. Не за да се поистоветиме со поголемата наднационална идеја за европски идентитет како супститут на југословенската идеја која ќе ни го гарантира македонското постоење (ова е посебна тема која во основа не е европски национален или културолошки туку европски безбедносен идентитет), туку за да го истакнеме сопствениот македонски идентитет пред Европа во рамките на ЕУ како македонска нација која е жива и витална. Оттука и посебното внесување во Уставот на Бугарите, Хрватите, Црногорците, Евреите и не знам уште кои, не влијае ниту врз посебноста на македонскиот народ, ниту врз македонскиот национален идентитет во рамките на ЕУ. Искажувањето на таа македонска национална посебност низ уставните одредби токму нагласено ќе изврши детерминација на посебноста на македонскиот идентитет и ќе стави крај на обидите за воспоставување на политичко-идентитетски процес на „лизгање“ на македонскиот во друг (бугарски или српски) етнички идентитет и ќе го покаже тој процес како неприфатлив за македонската кауза, оживувајќи ја македонската идеја и нација.
Македонската идеја не се оживува низ кафеански борби за Македонија под влијание на промили и малигани, ниту со митингашки пароли „да живее Македонија“, или пак со ФБ патриотизам, ниту пак со раскази за „суверенизам“ и неговата божем улога во одбраната на македонскиот идентитет. А никако пак со омраза кон нашите сограѓани кои не се дел од македонскиот народ но се дел од македонската нација, или со омраза кон нашите соседи и ЕУ, а лаги кон сопствените граѓани. Македонската идеја ќе се разбуди со нејзино будење во современието, како современа нација не поврзана со средновековието и антиката, со нормалниот живот, со владеење на правото, со економски напредок, со образование, со развој на културата и граѓанските вредности, со сигурно општество. А сето ова се европски вредности.
Што можеме да заклучиме?
Дека ЕУ не не мрази, дека соседите не не мразат, туку сите сакаат да ги прифатиме универзалните човекови права и вредности, вредностите на Европа, детерминирани како Копенхагенски критериуми. Посебно дека никој од ЕУ нема ништо против македонската идеја и македонската нација, македонскиот идентитет. На нас останува дали повикувањето во живот на македонската идеја и со тоа и на македонската нација ќе го реализираме како современ про европски автохтон македонски политичко-идеолошки процес, ослободен (или ако сакате откачен) од југословенската сентиментална идеја, денес преточена во српскиот свет. Затоа е исклучително важно за животот на нацијата постојано да се повикува самата себе, да се држи будна и динамична. Тоа е повикувањето на живот.












