Тензично беше и денеска на седницата на Собраниската комисија за образование, наука и спорт. Поради несогласувања на опозициските пратеници од ВМРО ДПМНЕ , повторно не започна расправата по двете точки на дневниот ред на деветта седница на собраниската Комисија, која денеска го имаше петтото продолжение.
Атмосфера беше на раб на поголем инцидент, поради што претседателката на комисијата, Жаклина Лазаревска од СДСМ даде еден час пауза. Според Лазаревска, дневниот ред бил изгласан со осум гласа „за“ на седницата на 17 јуни 2021 и затоа продолжуваат со работа.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, кои собрани пред претседателката реагираа бурно, негираа дека дневниот ред тогаш бил усвоен и побараа снимка од таа седница. Инсистираа дека треба да им се дозволи процедурални излагања пред усвојување на дневниот ред.
-Колку што сакате процедурални ќе имате, ако сакате пет месеци, пет месеци ќе си терате. Не е проблем, јас ќе ви давам, рече Лазаревска, која за да ја смири полемиката даде еден час пауза, како што рече, за понатамошни договарања.
По подолго време е закажано продолжение на оваа седница на која уште од јуни на дневен ред се Предлог-законот за именување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Бирото за развој на образованието, двата во прво читање.
Претседателката на Комисијата и пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го покажа своето вистинско лице, го покажа своето лицемерие и на дело ја покажа негрижата за граѓаните.
Таа рече дека пратениците од опозициската партија со своето срамно и дрско однесување денеска повторно ја блокирале постапката за донесување на предлог законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование.
На почетокот на денешното продолжение претседателката на Комисијата Лазаревска соопшти дека е присутен заменик-министерот за образование и наука Љуљзим Алиу.