И Наставно-научниот совет на Природно-математичкиот факултет го отфрли предлогот за студентското организирање на УКИМ, по вчерашната одлука на Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ кој со консензус го отфрли предлогот на новата Комисија на Ректорската управа, со кој се предвидуваат незначителни измени, во однос на сегашното функционирање на невладината организација – Студентски парламент.
Информацијата ја објави Студентски пленум, на својата Фејсбук страница. Според професорите на Правниот факултет, одредби од сегашниот Статут на УКИМ се во спротивност со Законот за високо образование и постои само едно решение за студентското организирање, а тоа е тело во рамките на Универзитетот и факултетите! Заради тоа, Правниот факултет ќе испрати предлог-решение до Ректорската управа.
Од ПМФ пак, велат дека по исцрпна дискусија, е донесена одлука дека предлогот на УКИМ е само моментално решавање на проблемите.
Од Правниот факултет и ПМФ очекуваат дека и другите факултети ќе им се приклучат.
ЦИВИЛ Медиа се обиде телефонски да разговара со некој од претставниците на Студенскиот парламент на УКИМ, но не успеавме да ги добиеме, а не испратија ни одговор на пораката испратена на нивната официјална Фејсбук страница.
Дехран Муратов