Владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН најави дека во рок од три месеци ќе се работи на решавање на барањата на албанските студенти за полагање на правосудниот испит на албански јазик.
Премиерот Христијан Мицкоски и лидерите на коалицијата ВЛЕН, Билал Касами и Изет Меџити, постигнале договор за системско решавање на барањата на студентите кои протестираа во Скопје.
Според најавите, ќе се усогласува законската регулатива со Законот за употреба на јазиците, што би овозможило правосудниот испит и други професионални лиценци да се полагаат и на албански јазик. Владата најавува дека секое законско решение ќе биде испратено до Венецијанската комисија со цел да се обезбеди правна усогласеност и институционална одржливост. Меџити изјави дека процесот треба да биде завршен во рок од три месеци.
Министерот за правда Игор Филков остро реагираше на најавите, оценувајќи дека македонскиот јазик претставува уставна вредност и основа на правниот систем. Според него, менувањето на правилата за полагање на правосудниот испит може да создаде институционални и правни последици.
Неговите ставови предизвикаа реакција од Билал Касами, кој оцени дека отпорот на министерот е политички мотивиран и поврзан со можната реконструкција на Владата.
Од опозициската ДУИ и коалицијата Европски фронт реагираа дека постојните законски решенија веќе овозможуваат употреба на албанскиот јазик и дека најавите на власта претставуваат политичка манипулација.
Пратеничката Рина Ајдари изјави дека Уставот и Законот за употреба на јазиците веќе ги гарантираат овие права, оценувајќи дека власта непотребно ја пролонгира постапката.
Во меѓувреме, Христијан Мицкоски ја искористи ситуацијата за критика кон ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека во изминатите две децении не презела конкретни чекори за решавање на ова прашање.
Студентските протести прераснаа од барање за полагање на правосудниот испит на албански јазик во поширока иницијатива за целосна примена на јазичните права во институциите и професионалните лиценци. Организаторите бараат конкретна имплементација без дополнителни комисии, пролонгирања или политички условувања.
ЦИВИЛ Медиа Деск









































